Бренд-концепти: Музички икони (24)

Таа е една од најзначајните светски уметници на современата доба. Пејачка, актерка и моделка. Пејачка што израсна во револуционерна музичка икона. Актерка што стана филмска дива. Моделка, не каква било, туку врвна супермоделка. Да, тоа е единствената и неповторлива Грејс Џонс, чиј живот, без сомнение, е екстремно занимливо четиво. Се прослави со необичните музички хитови со полуреге-ритми, микс на француска романтика, гротескна готска сексуална бруталност и полуговорни шепотливи песни. Сето тоа го постигнува со длабокиот контраалт, кој е единствен и посебен, но и со два стила на пеење: рецитирање-раскажување и пеење што на моменти достигнува до прекрасен сопран. Позната по улогите на моќни жени во филмовите за Конан (амазонката Зула) и Џејмс Бонд (блудната Меј Деј), но и по својата нападно андрогина појава. За да го постигне тоа водеше неконвенционален живот, во кој секогаш беше сѐ како што таа сакаше, а притоа работеше и стана сѐ – икона на геј-популацијата, кралица на диското, симбол на афроамериканската сила, сликарско платно за генијалецот Кит Харинг, муза на Енди Ворхол, омилена моделка на Роберт Мејплторп и Хелмут Њутон, ѕвезда, мајка и баба. Сѐ заедно ја прави вистински вонвремена и бесмртна. Една. Единствена.

Бегајќи од проверените поп-формули, со своите субверзивни перформанси, но и песните преполни слоевити референци на расни и сексуални стереотипи, сакаше и успеваше да ги поместува границите, да ги ослободува желбите, со единствена цел да ја инспирира публиката да се оттргне од ограничувањата и да ја открие својата дива страна. Така и го обликуваше својот автентичен звук. Со таков стил стекна незгодна репутација, па некои ја опишуваа како ѕвезда наклонета на ексцеси. Тоа беа луѓе што не го сфаќаа битот на нејзиниот посебен стил и провокативните сценски настапи, со кои ги обележа 1980-тите години. Веќе во 1977-та го објавува првиот од вкупно десетте студиски албуми, со култниот дискохит „I Need A Man“, како и фасцинантната обработка на „La Vie En Rose“ на славната Едит Пјаф. По дискоерата, нејзиното јамајско срце се пронаоѓа во соработката со славниот реге-тандем „Слај енд Роби“, кој го креира ултимативниот хит „Pull Up to the Bumper“, со кој дури седум недели остануваат на врвот на топ-листата на „Билборд“. Набргу следува и фамозната „Libertango“ на Астор Пјацола, чија славна тема ја обработува во големиот хит „I’ve Seen That Face Before“. Другото веќе е историја.

Да се потсетиме веќе на првите тактови на хитовите „I’ve Seen That Face Before“ (телото на Грејс е украсено со геометриски фигури), „My Jamaican Guy“ (се истражува физичкиот идентитет на Џонс), „Demolition man“ (Џонс како машко/женско), „I’m Not Perfect“ (повеќеметарски фустан со апстрактни мотиви), како и на „Pull Up To the Bumber“, „Slave To The Rhythm“ (микс на реклама за „ситроен“, фотографии, фрагменти од рекламата „Ли купер“), автоматски ја визуализиравме авангардната фигура, која шокираше со широки раменици и лице со неонски бои. Тоа е диско, соул, денс, поп, електронска музика и нов бран „а ла Грејс Џонс“.

Но таа пред сѐ е бунтовничка со и без причина. Бунтот што ја прослави, Грејс го носеше во себе како реакција на трауматичното детство. Најраните години од својот живот ги помина под надзор на својот строг и конзервативен дедо, во своевиден кафез, во кој ниту играта не беше дозволена. Сето тоа беше под изговор на цврстите верски стеги. Така во неа се всади потребата за бунт против тоа што се мора, против сѐ што е обврзувачко и наметнато. Грејс Џонс никогаш не бараше внимание. Поентата на нејзиниот настап секогаш беа бунтовност, уривање на табуата и авторитетите, надминување на предрасудите и уништување на медиокритетите. Просто си поигруваше со стереотипите на мажите, сакајќи да докаже дека жената има доволно сила и авторитет да биде како нив. Ѝ требаше некој што нејзините идеи и емоции ќе ги канализира во конкретна слика – имиџ на пејачка, актерка и моделка дотогаш невиден.

За тој нејзин препознатлив надреалистички имиџ најзаслужен е францускиот уметник, илустратор, фотограф и адвертајзинг-гуру Жан Пол Гуд (со кого го има синот Пол, и е единствениот од нејзиниот интимен живот со кого има добри односи и по разделбата), кој со својата естетика и репутација го редизајнира нејзиниот имиџ. За таа цел обедини два медиума, фотографија и видео, и тргна во авантура на успешни експерименти. Третирајќи ја како уметнички објект, ја направи и гротескна и убава – единствена ѕвезда што истовремено беше андрогина и секси, интригантна и застрашувачка, вамп-предаторка што со своите трансформации отвори сосема нови страници во сфаќањето и репутацијата на телото.

Луминопластиката, минимализмот, апстрактните конструктивистички објекти како сценографија и костимографија, станаа клуч на препознатливост на нејзиниот имиџ. Тоа е приказна за концептуална облека, ново однесување на сцената, боди-арт, сценографија што нема функција, туку станува конструктивистичка скулптура. Сето тоа доведуваше до предрасуди за мистериозност, па дури и настраност, но и до нагласување на спектаклот на прикажување и комерцијализација на женската анималност. Тоа беше успешен микс на маркетингот со чистата уметност. Добитна формула што ја направи икона на стилот и легенда на поп-музиката. Шокантно застрашувачка на сцената. Џонс е икона во модата, филмот и музиката, стана прва црна Бонд-девојка која во 1980-тите години сними низа иконични албуми што до денес се преслушувани со еднаква страст. Таа е жива легенда како резултат на нејзиното ексцентрично однесување, поради нејзините робо-дискохитови, кои ја направија омилена на њујоршката геј-сцена и, секако, како резултат на нејзиниот авангарден, ексцентричен и див изглед (андрогина силуета, испакнати јаболчици, коса потстрижена со остри линии, облека со остри краеви, агресивно-заканувачки поглед, свирепа, застрашувачки дива). Едноставно дива во музиката и во срцето и најсубверзивна поп-уметница. Жена со убиствена харизма и насмевка доволно широка да го прегрне целиот свет. Андрогина и секси што со своите трансформации ги уриваше стереотипите и ја менуваше перцепцијата за женското тело. Гротескна и убава. Со гламурозна аура и слава.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)