Шведската активистка Грета Тунберг (16), која одбива да лета поради влијанието на воздушниот сообраќај врз животната средина, ќе го премине Атлантикот во брод на струја за да присуствува на двата клучни самити на ООН за глобалното затоплување

Грета Тунберг, тинејџерката што ги мотивира младите луѓе да се борат против климатските промени, ја прифати понудата од страна на тимот „Малиција“ да замине од Велика Британија до Њујорк, на јахтата „Малиција 2“. Тинејџерката, која реши да отсуствува една година од училиште за да води кампања против климатските промени, планира да присуствува на самитот на ООН за климатски активности во Њујорк на 23 септември.

По турнејата низ САД, Канада и Мексико, таа ќе користи превозни средства со ниска емисија на јаглерод до Сантијаго, Чиле, за да присуствува на годишната конференција за климатски промени на ООН (КОП25) во декември. Тунберг и нејзиниот татко Сванте ќе патуваат заедно со капетанот Борис Херман и Пјер Касираги, предводникот на тркачкиот тим на „Малиција 2“ и внук на принцот Алберт од Монако. Исто така, на бродот ќе ги придружува и шведски режисер на документарни филмови. Патувањето се очекува да трае околу две недели, а екипажот ќе треба да се подготви за можни урагани.

Тунберг сака да го нагласи влијанието на авиосообраќајот. Во 2017 година во авиолетовите беа испуштени 859 милиони тони јаглерод диоксид што е околу два отсто од сите човечки емисии, но поради брзата експанзија, главно во Азија, емисиите ќе достигнат 2,7 милијарди тони годишно до 2050 година.

Според статистиките на германската непрофитна организација „Атмосфер“, летот од Лондон кон Њујорк генерира 3.408 килограми јаглерод диоксид по човек, двојно повеќе од просечните годишни емисии на јаглерод од 1.600 кг по жител во Индија.