Магазинот „Вог“ лансира ново скандинавско издание, на чија насловна страница се најде климатската активистка Грета Тунберг. Новото издание е инспирирано од нејзиниот активизам и упорноста за зачувување на околината. Таа во рамките на интервјуто дава голем број критики за модната индустрија и за загадувањето што го предизвикува.
– Последен пат купив нешто ново пред три години, и тоа во продавници за носена облека. Само јас позајмувам облека од луѓе што ги познавам – изјавила Грета.
Компанијата „Конде наст“, во чија сопственост е магазинот, лани најави дека новата верзија ќе ја додаде на својот список меѓународни изданија на „Вог“, а Мартина Боние е негова уредничка.
Публикацијата е поведена со акцент на одржливоста, а на дебитантската насловна страница Тунберг е прикажана како седи во подножјето на едно дрво во шума, заедно со коњ. Облечена е во наметка во боја на праска и во жолто-бел фустан. Во објавата на социјалните мрежи по повод промоцијата на првиот број на магазинот, Тунберг го прозвала модниот сектор во целина.
– Модната индустрија дава голем придонес за климатската и еколошката криза, а да не го споменуваме нејзиното влијание на безброј работници и заедници што се експлоатираат во светот за да може некој да ужива во брзата мода, која многумина ја нарекуваат „мода за еднократна употреба“ – изјавила активистката.
Грета додала дека само изгледа оти модната индустрија почнала да ја презема одговорноста, трошејќи фантастични износи на кампањи што се претставуваат како „одржливи“, „етични“, „зелени“, „климатски неутрални“ или „чесни“, и оти тоа не е ништо друго туку „миење на зеленилото“.