Култната музичка фигура Грендмастер Флеш, некогашниот лидер на историскиот хип-хоп бенд „Грендмастер флеш анд д фуриус фајв“, ќе настапи првпат во Скопје, вечерва, со почеток во 21 часот, во ноќниот клуб „Станица 26“.

Двочасовниот диџеј-настап во Скопје е дел од неговата голема турнеја „Хип-хоп; пипл, плејсес енд тингс“. Тој ќе понуди музички времеплов и едукативен час за сѐ она што значи хип-хопот од 1970-тите години до денес. Настапот е во организација на „3Гонга“ во соработка со „Шур шотз ентертејмнт“. Како локална поддршка ќе настапат Шорти Пи и Ајри Скреч

– Првин освојте го вашето непосредно опкружување, вашето маало, потоа освојте го својот град и дури потоа целиот свет.

Ова е мојата мантра. Иако егзистирам на хип-хоп сцената уште од 1970-тите години и како артист и како диџеј, сепак, не сакам да ме класифицираат како олдскул-диџеј или како њускул-диџеј – вели Грендмастер Флеш.

Хип-хоп легендата Џозеф Седлер е некогашниот лидер на култните „Грендмастер флеш анд д фуриус фајв“. Овој историски хип-хоп бенд има издадено два култни албума „The Message“ во 1982 година и „On the Strength“ во 1988 година. Синглот „The Message“сѐ уште е еден од најдобрите на сите времиња.

Грендмастер Флеш ги има креирано некои од техниките што и денес се стандарден дел од диџеј-науката.

Во последнава декада тој издаде еден мемоар, започна свое радиошоу, се појави на видео-игра. Човекот што го сметаат за главен виновник што денес грамофонот е музички инструмент, во моментов работи на својот 12-ти студиски албум. Грендмастер Флеш од неодамна е добитник на „Полар мјузик прајс“ за 2019 година.

Оваа музичка награда се смета за еквивалент на Нобеловата награда, и се доделува во Шведска. Во претходните години ја имаат добиено, Боб Дилан, Пол Макартни, Џони Мичел, Стинг, Пети Смит, Чак Бери, Кронос Квартет, Бјорк, Енио Мориконе, Пинк Флојд… На доделувањето беше најавен како еден од главните виновници за креирањето на хип-хоп звукот.