Во Домот на Армијата во Скопје викендов се одржа 22.фестивал на забавни мелодии „Еврофест-2018“. Годинава фестивалот му беше посветен на Тоше Проески, кој на еврофестовската сцена во 1989 година го отпеја а својот голем хит „Сонце во твоите руси коси“.

– На овој фестивал досега настапиле многу познати музички имиња и изведени се песни кои се пеат до денеска, како што е „Сонце за твоите руси коси“ – истакна директорот на фестивалот Костадин Костадновски, на отворањето на фестивалот.

„Еврофест“ годинава имаше две фестивалски вечери. Првата ревијална вечер се одржа во петокот на градскиот плоштад во Крушево и градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски порача дека локалната самоуправа ќе се потруди овој фестивал да стане традиционален.Фестивалот започна со неколку песни на Тоше придружени со танцување на плоштадот, а продолжи со изведба на песни во чест на Тоше од страна на победниците од европските фестивали.

Втората фестивалска вечер, во саботата, традиционално се одржа во Домот на АРМ во Скопје, каде беа доделени повеќе награди за кои одлучуваше македонско и интернационално жири.

Во првиот дел од програмата беа испеани хит мелодии од македонски естрадни имиња како Јулија, Маргица Антевска, Ѓоко Ѓорчев, Серафина Фантаузо, Ристо Краповски и Мери Тодорова Младеновска, а специјаен гостин беше музичарот и шоумен од Бугарија, Захари Чернев кој ја исполни композицијата „На пријателот Тоше“ на текст кој самиот го напишал.

Наградата „гран при“ во оваа категорија му припадна на Ѓоко Ѓорчев за песната „Те сакам“.

Во вториот дел, пак, настапија гости изведувачи од: Молдавија, Гагаузија, Русија, Украина, Белорусија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија, при што посебен впечаток оставија изведувачите: Клодијана Вата од Албанија која си замина дома со „гран при“ и Бенјамин Хасаниќ од Босна и Херцеговина кој беше награден со „гран при“ од Град Скопје.

– Сė уште сум под силни импресии затоа што не очекував дека ќе ја добијам највисоката награда во мојата категорија. Особено се радувам што на феситвалската вечер во Крушево, бев единствен од учесниците кој испеа песна од Тоше. Пеејќи ја песната „Једина“ внесов многу емоции и помислив оти никој од нас не може да го замени него како пејач, но барем можеме да го следиме неговиот пат на хуманоста – ни рече младиот пејач и наставник по музичко образование Бенјамин Хасаниќ од Маглај.

Наградата за животно дело и беше врачена на Добрила Ивановска Чабриќ, деведесетодишната уметница која периодов го освојува Балканот со победата на српското музичко шоу „Никогаш не е доцна“, но и со настапите на Охридски фестивал и фестивалот „Животот е прекрасен“ во Бугарија од каде исто така се врати со признание.

-Секоја награда што ја добивам на овие години, за мене е победа на животот, а оваа ми е посебно драга оти се однесува на мојот севкупен музички ангажман – вели госпоѓа Чабриќ.

Директорот на „Еврофест“, Костадин Костадиновски при доделувањето на наградата, Чабриќ ја нарече феномен кој со чудесна енергија ја освојува публиката занемарувајќи ги годините.

Посебен печат на настанот дадоа учениците од Државниот музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски Луј“ кои изведоа танцови точки на песни од Тоше Проески.

Интернационалната шоу-програма ја заокружи оперската певица Серафина Фантаузо со соло-изведба на „Аве Марија“, а потоа следеше доделување на наградите и изведба на наградените песни.

На крајот, шармантната водителка на фестивалот, Катерина Стојановска Десковска, пејачите и гостите ги покани на следната еврофестовска вечер наредната година.

Првпат годинава фестивалот беше финасиски поддржан од Министерството за култура, а медиумски покровител на фестивалот е ТВ Сонце која одложено ќе го емитува фестивалот наредната седмица.