Луксембург сака да легализира употреба на марихуана за рекреативна употреба, и притоа да ги убеди другите европски земји да го направат истото, објави „Политико“.

Во моментов во Европа, рекреативната употреба на марихуаната е легална во Амстердам и декриминализирана во неколку клубови во Каталонија. Исто така, полицијата нема да направи проблем за неколку грама марихуана во земјите како Белгија.

Сепак, Луксембург сака да оди еден чекор понапред и да стане првата земја во Европската Унија (ЕУ) која комплетно ќе ја легализира марихуаната. Министерството за здравство во земјата се очекува да најави предлог за започнување на правниот процес околу легализацијата оваа есен, и целта е за две години да се донесе новиот закон.

Доколку се случи легализацијата, Луксембург ќе се приклучи на малата, но растечка листа на земји кои ги ревидираат децениски старите закони за користење на канабисот, меѓу кои се Канада, Уругвај и 11 сојузни држави во САД.

Еден од главните политичари кој највеќе се залага за оваа идеја е министерот за здравство на Луксембург, Етиен Шнајдер, кој смета дека здравствените причини се главниот мотив за оваа промена. Тој реќе дека младите и така успеваат да стигнат до канабисот на црниот пазар, контактирајќи дилери кои нудат марихуана со непознат квалитет, а притоа добиваат пристап и до многу поопасни дроги.

Под новиот закон на Шнајдер и министерот за правда Феликс Браз, Луксембург ќе го легализира целиот пазар на канабис, од издавање на лиценци за негова продукција, до легализација на негова конзумација, сè под високо регулирана структура.

Сепак, законот ќе забранува домашно одгледување на растението и веројатно ќе има забрана за продажба на лица под 18 години. Според информациите, продажбата на странци ќе биде забранета, за да се избегне ситуација во која туристите би доаѓале во земјата само поради марихуаната.