РЕПОРТАЖА: Сан Ремо, Италија

Италијанскиот туристички бисер Сан Ремо, кој уште се нарекува ривиера на цветовите, е сместен во западниот округ на Лигуриската ривиера, која продолжува до Азурниот Брег во Франција. Во древниот период се викал Матуција, по името на божицата покровителка на морето и утринската зора, а има претпоставки дека името го добил по Римјанинот Гај Матуциј, кој се доселил тука поради поволната клима и изградил вила. До 14 век е познат по ова име, а подоцна, кога почнал да ја менува припадноста кон различни републики, го добил сегашното име Сан Ремо. По 1860 година стана дел од италијанското кралство.

Од средината на 19 век, Сан Ремо се прослави како град со топла клима, погодна за лекување повеќе болести. Голема улога во неговата популарност имал баронот Борис Икскул, кој преку своите дипломатски активности ја раширил веста за убавината на Сан Ремо.

Македонската туристичка група, предводена од водичот Бранко Карески, имаше можност на самото место да се увери во убавината на овој магичен град.
Сан Ремо е убаво место, со одлична клима, со температура што не надминува 30 степени. Воздухот не е многу сув, ниту пак многу влажен, а сонцето, пак, блеска до доцна во ноќта. До околу 22 часот е светло и секој посетител има можност да прошета и да ужива покрај морето, или во стариот дел на градот. Освен туризмот, главна економска гранка во Сан Ремо е производството на цвеќе. Истовремено тој е и значаен културен и спортски центар. Тука се одржуваат неколку фестивали, меѓу кои фестивалот на цвеќето и музичкиот фестивал „Сан Ремо“, кој секоја година ја полни салата на театарот „Аристон“.

Но овој цветен крајморски град не плени само со ривиерата туку и со големиот број знаменитости. Во периодот од 1874 до 1875 година во градот престојувала руската императорка Марија Александровна, сопруга на Александар Втори, кој во знак на благодарност подарил палми за булеварот покрај морето. Во таа чест градските власти булеварот го именувале Императорски, а на крајот од шеталиштето е статуата „Пролет“, изработена од скулпторот Пасквели. По ова, бројот на руските туристи значително се зголемил, а тука престојувале и членови на семејството Романови. И денес бројот на руски туристи е навистина голем, во што и самите се уверивме. На секој чекор, по италијанскиот, најмногу се слуша рускиот јазик.

Она што треба да го види секој посетител е паркот „Марсал“, распослан по дел од шеталиштето, кој особено во вечерните часови е полн. Тука растат уникатни растенија, бразилски палми и други големи дрвја. Во средината е плоштадот изграден во чест на Франк Алфано, познат музичар од градот, каде што се одржуваат голем број концерти. Интерес предизвикуваат и вилата „Лука“, изградена над заливот, претворена во музеј, вилата и паркот „Нобел“, паркот посветен на царицата Елена, кој се наоѓа меѓу стариот град и храмот „Мадона дела Коста“, од каде што има извонреден панорамски поглед. Тука е паркот „Цириот“, со интересни и автентични дрвја. Не случајно, Сан Ремо отсекогаш било местото каде што престојувале познати писатели, актери и други јавни личности, а така е и сега.

Шетајќи така покрај морето, низ шеталиштето патот прво ќе ве однесе до руската црква посветена на св. Јован Крстител. Изградена е во чест на Христос Спасителот, великомаченицата Екатерина и преподобен Серафим во 1912 година. Извонреден храм, кој плени со својата надворешност и е еден од симболите на градот. И казиното е значајна знаменитост на градот, место каде што се фотографираат туристите за спомен, отворено во далечната 1905 година. Љубопитните туристи влегуваат внатре за да го видат раскошниот ентериер. И полека навлегуваме во внатрешноста на стариот град Ла Пиња. Ќе ве импресионираат интересните градби, тесните улички, тунелите, скалите… Чиниш објектите се поставени едни врз други. Во стариот дел е и храмот на „Дева Марија“, црквата посветена на св. Стефан. Полека се искачуваме по тесните улички, низ тунелчињата, за да стигнеме до базиликата „Собор на св. Сира“. Продолжуваме натаму, кон возвишението, до храмот на Мадона дела Коста. Оттука се протега фантастичен поглед на марината. Слегуваме долу на пешачката улица Корзо Матеоти, преполна со продавници, а на средината се наоѓа театарот „Аристон“, каде што секоја година во јануари се одржува познатиот италијански фестивал на забавна музика „Сан Ремо“.
Она што особено плени и ги привлекува погледите на многубројните туристи од целиот свет се цвеќињата, во различни бои и форми, кои се украс на градот. Климата е погодна за одгледување, па токму затоа цветните украси се белег на Сан Ремо. Производството на цвеќе, по туризмот, е главната стопанска гранка во градот, бидејќи Сан Ремо е главен производител на цвеќиња во Европа.

Се разбира, кога престојуваш во едно место, препорачливо е да ги пробаш и вкусните специјалитети, а овде тоа се: свежата риба, пицата, лазањите и, се разбира, на крајот засладување со сладолед, или џелато, како што го викаат Италијанците.