На 20 февруари, со почеток во 20 часот, на големата сцена во МНТ ќе гостува Народно позориште од Приштина/Грачаница со претставата „Женидба“, од Николај Василевич Гогољ, а во режија на Милан Караџиќ. Претставата е копродукциски проект помеѓу Народно позориште од Приштина и Српско народно позориште од Нови Сад.

Според режисерот, Гогољ во „Женидба“ во прв план сакал да ги стави и да ги исмее општествените аномалии од неговото време – лицемерството, желбата за статус по секоја цена, робувањето на нормите на граѓанското општество… Она што најмногу го поттикна и го инспирираше режисерот да се одлучи токму за оваа драма е токму нејзиниот психолошки слој, односно маестрално изнијансираните ликови, кои не се црно-бели, туку се многу живописни, но истовремено и подложни на осуди и сожалувања, кои поради сопствената безволност и нерасположеност на духот, и стравот да излезат од сопствената чаура, не се во состојба да направат каков било чекор во своите животи. За да ги разбереме ликовите денес, сѐ што треба да направиме е да се погледнеме во огледало.

Во претставата играат: Jeлена Орловиќ, Милена Јакшиќ, Аника Грујиќ, Милан Васиќ, Игор Дамњановиќ, Милорад Капор, Небојша Ѓорѓевиќ, Бојан Стојчетовиќ, Бранко Бабовиќ, Тамара Томановиќ, Бранко Бабовиќ. Костимографка е Драгица Лаушевиќ, а сценографијата и изборот на музиката се на Милан Караџиќ.