Осумнаесетгодишната Били Ајлиш ги освои најзначајните признанија на доделувањето на наградите „греми“, на церемонијата што помина во знакот на оддавањето почит кон трагично загинатиот Коби Брајант, како и на убиениот рапер Нипси Хасл и други што прерано заминаа, пишува „Гардијан“.

Били Ајлиш владееше со наградите „греми“, освојувајќи пет награди меѓу кои за најдобар нов изведувач, албум на годината за својот дебитантски албум „When We All Fall Asleep, Where Do We Go“ и песна на годината за „Bad Guy“ во една ноќ.

– Напишавме албум за депресија, самоубиствени мисли, климатски промени и како е да се биде лош човек. Ние стоиме тука збунети и благодарни – додаде нејзиниот брат и соработник Финиас, кој исто така доби награда за продуцент на годината.

За спот на годината наградата ја доби Лил Нас Eкс за песната „Old Town Road“, како и наградата за најдобро поп дуо или групен настан, заедно со Били Реј Сајрус.

Пејачката Лизо освои три наради, меѓу кои за најдобра соло изведба за хитот „Truth Hurts“.

Поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, доби Греми за аудиокнигата „Becoming“, а кантри-пејачката Тања Такер доби Греми за најдобар кантри-албум „While I’m Livin“ и за најдобра кантри-песна „Bring My Flowers Now“.

Греми наградата за најдобра компилација за визуелни медиуми ја освои песната „Shallow“ на Лејди Гага и Бредли Купер.

Веста за смртта на кошаркарската легенда Коби Брајант, кој загина во хеликоптерска несреќа со својата 13-годишна ќерка Џиана и други седум лица само неколку часа пред настапот, ја облеа со тага церемонијата на доделувањето на наградите. Церемонијата се одржа во центарот „Стејплс“ во кој Брајант за настапуваше за Лос Анџелес лејкерс повеќе од 20 години.

– Сите сега чувствуваме ограмна тага. Ние буквално стоиме тука со скршено срце во куќата што ја изгради Коби Брајант – рече водителката Алиша Кис додека во просторијата блескаа броеви на дресовите кои го носеше Брајант.