Големиот Корален Гребен во Австралија изгубил околу 50 проценти од коралите во последните три децении поради зголемувањето на температурата на морето, покажало истражувањето на австралиските научници, кои стравуваат дека загубата, предизвикана од честото белење, ќе ја загрози неговата способност да закрепне. Рекордно високите температури предизвикале масовно белење на коралите во текот на 2016 и 2017 година.
– Најголемата загуба се случила во плитките и во подлабоките води кај речиси сите видови, особено кога станува збор за нивното разгранување – вели коавторот на студијата, професорот Тери Хјуз од Центарот за истражување на коралните гребени при универзитетот „Џејмс Кук“ во Квинсленд.
Тој додава дека можноста за враќање на Големиот Корален Гребен е загрозена затоа што има помалку големи корали за размножување.
– Коралната популација има милиони мали бебиња корали, како и многу големи што произведуваат најмногу ларви. Нашите резултати ја покажуваат способноста на Големиот Корален Гребен да закрепне и дознавме дека неговата еластичност е загрозена во споредба со минатото, поради недостиг од мали и големи корали – наведува Хјуз.

Големиот Корален Гребен е најобемниот екосистем на корални гребени во светот и е живеалиште на загрозени видови, како што се големите зелени желки.
Изумирањето на коралите се припишува на затоплувањето на океаните предизвикано од климатските промени. Кога температурата на океанот ги надминува оптималните граници, алгите доживуваат топлински стрес и престануваат да произведуваат шеќери и започнуваат да создаваат токсични форми на кислород.
Како одговор на овие неповолни услови, коралите ги исфрлаат алгите од своите ткива и стануваат целосно бели, а овој феномен денес е познат како избелување на коралите. На гребенот влијаеле и неколку циклони, како и сѐ поголемиот број морски ѕвезди што се хранат со нив, пишува „Дојче веле“.

Авторите на студијата предупредија дека емисиите на стакленички гасови мора веднаш да се намалат за да се спасат коралите.
– Потребна е околу една деценија за да се обезбеди полупристојно закрепнување на растечките видови, меѓутоа, шансите да се случи тоа се многу мали со оглед на тоа што температурите постојано растат – истакнува Хјуз.