Поротата во суд во Кливленд одреди 50 милиони долари отштета за човек кој тврди дека полицајци го тепале додека бил врзан со лисици и дека го заклучиле во магацин, каде четири дена бил задржан без храна и вода и без тоалет.

За 52-годишниот Арнолд Блек, кој го тужеше Источен Кливленд и полицијата, поротата одреди 20 милиони долари обештетување и 30 милиони долари казнена отштета, пренесе агенцијата „АП“.

Првично, во јуни 2016 година, друга порота на округот Кајахога му додели на Блек 22 милиони американски долари по тридневно судење во кое Источен Кливленд немаше бранител.

Градот тогаш поднесе жалба, па случајот беше вратен во Основниот суд на округот Кајахога на повторно судење, каде беше изречена значително повисока отштета.

Блек бил уапсен во април 2012 година, откако детектив во Источен Кливленд побарал од униформиран полицаец да го запре неговиот камион под сомнение дека внатре се наоѓа големо количество кокаин.

Според тужбата, детективот Ренди Хикс почнал да го удира Блек во лице и глава бидејќи не пронашол дрога, а униформираниот полицаец го држел осомничениот.