Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти „Фх3х“ учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на најновото издание на 65-годишната франшиза за познатото чудовиште Годзила, односно на филмот „Годзила: Кралот на чудовиштата“, чија премиера е закажана на 30 мај во киното „Синеплекс“

Франшизата за најпознатото јапонско чудовиште што првпат се појави на екраните во 1954 година, овој пат според сценарио и режија на Мајкл Доерти, најавува достојно претставување на креацијата на Томојуки Танака и универзумот на Тохо, кои Годзила, Родан, Мотра и Гидора ги сметаат за божества. Танака го создал Годзила како израз на теророт што Јапонците го чувствувале по бомбардирањето на Хирошима и Нагасаки со атомски бомби. Според изјавата на Танака, Годзила е одмазда на природата против злосторствата на човештвото.

– Не е изненадувачки што најновото продолжение, во рацете на режисер што е популарен по хорори, е оценето дека не е за деца под 13 години поради реалистичните сцени на насилство – информираат од „Фх3х“.

Според Кристијан Даниловски, коосновач на „Фх3х“, „Годзила: Кралот на чудовиштата“ е триесет и третиот филм во франшизата.

– Во претходните делови критиките беа насочени кон тоа што има премалку борби меѓу чудовиштата, но овој пат со седумнаесет каиџу-креатури, тоа ќе го има доволно. Сите обожаватели на оваа франшиза знаат дека овие филмови всушност имаат многу силна порака врзана за животната средина и суштината што се провлекува е дека доколку не ја почитуваме, природата ќе нѐ надвладее на свој начин. Фасцинантно е да се разгледа развојот на франшизата од една толку силна идеја во педесеттите години, до покривање разни социополитички прашања низ сите 65 на филмска продукција до денес, со огромна популарност и со огромен успех и проширување што, секако, ќе кулминира во најавената битка на Годзила и Кинг Конг во март 2020 година. Овој пат останува да ја откриеме заедно пораката скриена во филмот што се пренесува со децении преку постоењето на Годзила и да уживаме во мајсторството, кое според критичарите е оценето како „најдобрата американска изведба на Годзила, до денес“, а на кое и ние учествувавме со тим од 80 артисти, на околу 200 кадри, на кои работевме во периодот од април до август минатата година – изјави Даниловски.
Заради сопствени потреби на кадар со очекуван висок квалитет во работата, „Фх3х“ отвора свое школо за визуелни ефекти со содржини дизајнирани според последните барања и очекувања на светскиот пазар.

Според Миливоје Ѓорѓевиќ, коосновач на „Фх3х“, динамиката со која се зголемуваат критериумите за квалитет од студијата за визуелни ефекти бара постудиозен пристап во креирањето елитен кадар.

– Визуелните ефекти повеќе не се спектакл туку хибридна технологија во која виртуелното и реалното треба идеално да се претопат едно во друго до степен да не можат да се разграничат со голо око. Кога ќе ги погледнете само филмовите на кои работевме во последно време, ќе ја забележите разликата за која зборувам, денес зборуваме за Годзила, претходно работевме на „Шазам“, „Авенџерс: Војна на бесконечноста“, „Аквамен“, „Црниот Пантер“, „Венум“, „Предатор“, „Конг“, „Војна на ѕвездите: последниот џедај“, сериите „Стар Трек“, „Американски Богови“, „Чувари“, самите ќе забележите дека има сѐ повеќе ефекти, со сѐ поголем квалитет. Тоа бара постојано учење нови технологии, техники, вештини и решивме дека е време повторно да го направиме тоа самите, како што го правевме со над 1.000 средношколци во 2003 година, кога всушност го формиравме кадарот за оваа индустрија во Македонија. Овој пат тоа ќе го правиме во мали групи од 15 артисти, во неколку нивоа со строга селекција, под насоки на нашите најдобри супервизори, кои ни го одржуваат оскаровскиот квалитет веќе 20 години – објаснува Ѓорѓевиќ.