Пандемијата на коронавирусот го парализира патувањето низ целиот свет, а пристигнувањето на туристите е речиси преполовено во првите четири месеци од оваа година, соопшти Светската организација за туризам на Обединетите нации (УНВТО).
Според УНВТО, наместо да го претставува најславниот период на туристичката сезона, април се претворил во катастрофа, при што меѓународните пристигнувања паднале за 97 проценти. Тоа значи зголемување од над 40 проценти во однос на падот во март.
– Помеѓу јануари и април 2020 година, туристичките пристигнувања паднаа за 44 проценти, што значи загуба од 195 милијарди долари за меѓународниот туризам – се вели во соопштението на организацијата.

Проценувајќи ја можната економска криза поради пандемијата, УНВТО претходно соопшти дека со ограничувањата за патувања може да се загубат од 910 милијарди до 1,2 трилион долари приходи од туризам и да се загрозат 120 милиони работни места. Притоа биле одредени три можни сценарија, па дури и според најдобрите од нив, се очекува пад од 58 проценти во однос на претходната година.
– Наглиот и голем пад на бројот на туристи ги загрозува работните места и економиите. Од клучно значење е започнувањето на туризмот да биде приоритет и тој да се управува одговорно – вели генералниот секретар на УНВТО, Зураб Пололикашвили.

Во друг извештај, организацијата на ООН посочува дека кризата сè уште не е завршена и дека туризмот полека почнува со тоа што земјите ги укинуваат или барем ги олеснуваат ограничувањата.