Гледаноста на преносот на 92-та церемонија за доделување на „оскарите“ годинава паднала на најниско ниво од нејзиното организирање, и драстично е намалена во однос на лани, на само 23,6 милиони гледачи во САД.

Вечерта на доделувањето на „оскарите“, најпрестижната филмска награда во Холивуд, според телевизијата Еј-би-си, во 2019 година привлекла 29,6 милиони гледачи, по еден историски минимум од 26,5 милиони од претходната година. Церемонијата од 2020 година ќе остане запаметена по тоа што јужнокорејскиот филм „Паразит“ освои четири „оскари“, вклучувајќи ја и главната награда за најдобар филм. Тоа е првпат филм што не е на англиски јазик да ја освои таа награда. Меѓутоа, критичарите се согласуваат дека церемонијата што траеше повеќе од три и пол часа не беше особено впечатлива. Втора година едноподруго вечерта немаше водител, со надеж дека ќе се повтори успехот од 2019 година, но настапите на ѕвездите што се менуваа на сцената за да се пошегуваат и да отвораат коверти со наградите главно беа разочарувачки.
Гледаноста на „оскарите“, која надмина 43 милиони во 2014 година, без престан паѓа во последните години во САД, како и на другите церемонии за доделување на наградите како „златен глобус“, „греми“ и др.

Повторно годинава стигнаа многу критики за доделувањето на наградите на Американската филмска академија, многумина приговараа на недостигот од етнички и културен диверзитет во номинациите, како и на недостигот од жени во номинациите зa категоријата режисер. Некои дури и преку социјалните мрежи повикуваа да се бојкотира церемонијата. Сепак, од 39 доделени златни статуетки во 2020 година, една третина им припадна на жените.