Во историјата на војувањето се фрлени две атомски бомби, во текот на Втората светска војна, од страна на САД. Бомбите беа фрлени на 6 август 1945 врз Хирошима и на 9 август 1945 врз Нагасаки, Јапонија. Првата бомба, „Малото момче“, беше ураниумска, а втората, „Дебелкото“, беше плутониумска бомба. Цутому Јамагуши се наоѓал во Хирошима кога паднала првата атомска бомба и успеал да преживее, меѓутоа приказната не завршила тука. Еден ден пред да биде фрлена втората атомска бомба, Цутому се вратил во својот дом во Нагасаки и повторно имал среќа да преживее. Јамагуши доживеа старост од 93 години и почина на 4 јануари 2010 година.