Американската полиција пронашла околу 100 парчиња огнено оружје, муниција и три мртовечки глави во куќата на Патрис О’Брајан, гитарист на групата Канибал Корпс, кого претходно го уапсила откако упаднал во туѓа куќа извикувајќи „доаѓа вознесение“.

Гитаристот на познатиот дед метал бенд Пет О’Брајан на 14 декември бил пуштен од затвор со кауција од 50.000 долари откако полицијата го уапсила поради упад и напад врз службено лице.

Имено, О’Брајан на 11 декември упаднал во куќата што се наоѓа на неколку километри од неговиот дом во Тампа, во американската сојузна држава Флорида, потоа на подот ја турнал жената што се наоѓала таму и извикувал дека „доаѓа вознесението“.

Во куќата на соседот упаднал откако во неговиот дом избувнал пожар, а членвите на неговото семејство тврдат дека неколку часа пред настанот на телефон им тврдел дека „слетале вонземјани“.

Откако пожарот бил угаснат, а гитаристот уапсен, полицијата на Флорида ја пребарала неговата куќа, при што пронашла околу 100 парчиња огнено оружје. Биле пронајдени 50 пушки, 10 полуавтоматски митралези, два фрлача на пламен и 20 пиштоли, како и муниција, три мртовечки глави и уште оружје во делови, навела американската полиција.

О’Брајан во резерва имал и илјада парчиња муниција што ја чувал во метални војнички кутии, а имал дури и појаси за муниција. Но, според пишувањето на магазинот Ролинг Стоун, целокупниот арсенал на оружје, освен еден пиштол, го поседувал легално.

Полицијата која дошла по пријава на соседот на О’Брајан, го затекнала како се крие зад оградата во дворот. Откако му наредила да се предаде, гитаристот го одбил тоа и тргнал кон еден од полицајците со нож во раката. Полицијата го совладала користејќи електрошокер.

На првото судско сослушување О’Брајан бил врзан со лисици и на себе имал елек против самоубиство. Одредена му е кауција во висина од 50.000 долари, од кои за упадот добил 30.000, а за нападот врз службено лице 20.000 долари.

Медиумите пишуваат дека засега не е познато како инцидентот ќе влијае врз турнејата на Канибал Корпс, во чии рамки настапуваат низ цела Северна Америка.