Младиот македонски гитарист и композитор Стефан Петановски неодамна го издаде својот прв соло-албум, насловен „Architect of Reality“, кој содржи 12 песни, од кои 10 се напишани во текот на изминатите две години.

– Овој албум е најискрениот и најпрецизен начин на кој можам да се искажам како уметник и претставува вистинска репрезентација на мојот стил како композитор, музичар и гитарист. Се работи за инструментален албум, во кој доминира гитарата, и жанровски може да се определи како прогресивен рок-метал албум, но навистина оди и во многу други различни стилови и насоки. Во него гостуваат истакнати гитаристи, како Дамир Пух, Пелумб Ќерими и Виктор Захариев. Последните две песни од албумот: „Banquet of Life: Chapter I“ и „Chapter II“ беа напишани во периодот додека се снимаше новиот материјал и заедно со нив го доловувам моето целосно досегашно музичко патување – вели Стефан.

Неговиот стил како гитарист најдобро може да се опише како фузија од повеќе жанрови: метал, рок, прогресив, фјужн и многу други, а притоа задржувајќи ги и техничките, виртуозните и помелодичните елементи и аспекти на инструментот.

Стефан почнува да свири гитара на седум години, а првите часови ги добива од татко му, а подоцна продолжува да ги подобрува стилот и техниката на свирење, учејќи од книги, видеа, дивиди-лекции… Во текот на основното и средношколското образование свири гитара во училиштен бенд, како и во училишниот оркестар, во чиј состав учествува на голем број настани и натпревари, а настапува и во неколку телевизиски емисии. На 15 години почнува да свири со бенд во живо и оттогаш почнува со настапи низ градовите во Македонија. Како делумно самоук гитарист, тој одлучува да го прошири своето знаење за инструментот, како и музиката генерално, продолжувајќи го своето образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот гитара – популарни жанрови.

Стефан заедно со Стефан Митев, Александар Јарчевски и Филип Мирчевски во 2016 г. го формира метал-бендот „Спектрум“, а својот прв албум наречен „Хирает“ го објавија во април минатата година. Досега заедно настапиле на многу настани, фестивали и концерти. Во 2017 година, Стефан се приклучува во бендот на Дамир Пух, со кого настапува во земјава и надвор од неа.