Гитарата, на која Ерик Клептон свирел во 1970 година на својот прв концерт во живо, со неговиот тогашен бенд „Дерек и Доминос“, е продадена на аукција во Њујорк за 625.000 долари, објави аукциската куќа „Џулиенс“. Вредноста на акустичната гитара на Клептон, „мартин Д-45“, чија продажба беше најавена како кулминација на аукцијата одржана во њујоршкото кафуле „Хард рок“, но и преку интернет, првично била проценета меѓу 300.000 и 500.000 долари. Цената на гитарата на Клептон е многу пониска од рекордната цена постигната за гитара продадена на аукција, а тоа е полуакустична гитара од Курт Кобејн, лидерот на групата „Нирвана“, со која свирел на концертот „МТВ анплагд“ во 1993 година. На аукцијата на „Џулиенс аукшн“ одржана во 2020 година, гитарата достигнала цена од шест милиони долари.
На саемот во Њујорк беа продадени и гитарите „гибсон експлорер“, која била сопственост на Едге од групата „Ју ту“, за цена од 437.500 долари, и „фендер стратокастер“, која била сопственост на Давид Гилмор, гитарист и пејач на групата „Пинк Флојд“, за 200.000 долари. На аукцијата биле продадени вкупно 1.000 предмети, кои некогаш им припаѓале на „Битлси“, членовите на групите „Ганс енд роузис“ и „Нирвана“, Мајкл Џексон, Ејми Вајнхаус, Витни Хјустон, Лејди Гага, Мадона, Елвис Присли и „Ролинг стоунс“ за вкупна цена од пет милиони долари.