Германската разузнавачка служба признала дека ја вработила ќерката на Хајнрих Химлер во шеесеттите години на минатиот век, иако никогаш не се откажала од својот татко и од нацизмот, туку останала активна во десничарскиот екстремизам, пишува Ројтерс.

Германски Билд објави дека ќерката на Химлер, Гудрун Бурвиц работела за сојузната шпионска агенција БНД, што подоцна го потврди и самата агенција.

Химлер беше заповедник на СС и Гестапо, еден од најмоќните нацисти и главен во спроведувањето на холокаустот. Изврши самоубиство во британско заробеништво во 1945 година. Неговата ќерка почина минатиот месец во Минхен, на возраст од 88 години.

– БНД потврдува дека Бурвиц беше наш член неколку години до 1963 година – изјави шефот на историскиот оддел на БНД Бодо Хешелхамер.

– Ја напушти агенцијата за време на промената на политиката кон вработените кои беа поврзани со нацистите – додаде Хешелхамер.

Германските разузнавачки служби станаа мета на критики последните години бидејќи не успеале од своите редови да ги отстранат десничарските екстремисти во повоениот период. Критичарите изјавија дека поранешни нацисти и симпатизери на екстремната десница вработени во безбедносните агенции се заштитувале меѓу себе.

Во времето кога Бурвиц работела за БНД, агенцијата ја водел Раинхард Гелен, поранешен нацистички командант кој подоцна во 1968 година ја предводеше шпионската агенција на тогашна западна Германија.

Хешелхамер рече дека БНД не објавува информации за своите вработени, но во овој случај се работело за исклучок, бидејќи Бурвиц починала.