Географските карти на светот што висат во училиштата всушност немаат никаква врска со реалноста. Мапата на светот што сите ја паметиме од училишните денови и што се користи и денес е создадена пред речиси пет века, во 1569 година, од фламанскиот картограф и географ Герард Меркатор. Меѓутоа, начинот на кој неговата мапа ја покажува нашата Земја е едноставно погрешен, таа има мноштво грешки и заблуди, од прикажувањето на континентите и нивната вистинска големина, како и тоа дека самата географска позиција на некои континенти е целосно погрешна.
– Повеќето луѓе на прв поглед не мислат дека Земјата е всушност сфера. Кога ќе ја набљудувате Земјата од различни агли во вселената, ќе добиете и поинаков поглед на неа; државите се во поинаков редослед од она што го гледаме на стандардните мапи – вели картографот Чандра Џајасурија од Универзитетот во Мелбурн.
Целта на цилиндричната картографска проекција на Меркатор била од поморска природа, да им помогне на морнарите во навигацијата.

– Никогаш не била наменета за точно да се покаже големината на државите – вели Џајасурија.
Според неа, картата на Меркатор е „екстремно сиромашна“ во прикажувањето на релативната големина на земјите.
– Затоа Гренланд, кој е всушност 14 пати помал од Африка, на картата на Меркатор е прикажан со иста големина како Африка – истакнува таа.
Секогаш ќе има грешки во претставувањето на светот во дводимензионален простор, така што ниедна мапа нема да биде строго прецизна, но грешката стара 460 години сепак би можела да биде исправена. Во меѓувреме, сè додека не започнат да се користат понови, подобрени мапи во училниците низ целиот свет, достапен е добриот, стар глобус.