Новинарот Љубчо Алексовски со книга за градот

Љубчо Алексовски, новинар, радио и телевизиски водител, чиј глас сѐ уште го паметиме од програмите на Македонската радио-телевизија, уште другарува со микрофонот и со новинарското перо, но веќе 20 години живее и работи во Гевгелија. Тој периодов беше ангажиран со пишување на книгата „Гевгелија за почетници“, во која се забележани 100 интересни приказни што би требало да ги знае секој што првпат ќе го посети градот.

Што ве донесе во најјужниот и најтопол град во земјава?
– Токму новинарството беше виновно за тоа. Не ни сонував дека еден ден ќе живеам во Гивгилија, рамна ко тепсија, каде што се чувствува мирисот на Медитеранот и на смоквите, дека ќе ме грее истото сонце што некогаш ги греело и жителите на античкиот град Гортинија. Доволен беше еден престој на фестивалот „Валандово 1999“, како новинар, дружењето во „Фук-так“ со пријатни луѓе и една стројна гевгеличанка. И по 43 години, останав во градот крај Вардар, онаа иста река што поминува и низ моето Скопје, градот на моето детство. Тоа е реката што ги поврзува мојата младост и мојата сегашност. И не зажалив.

Со што ве „купи“ Гевгелија, а со што гевгеличани?
– Градот ме купи со местоположбата, со многубројните стари градби, кои ме навраќаа на едно одамна минато време на серенади и чаршиски муабети. Ме плени безвременската убавина на Кожуф Планина, каде што навечер под реткото растение „гол човек“ и ѕвезденото небо над тебе, најубаво се слушаат „Пинк флојд“, со мирниот начин на живеење, со близината на Егејот, мирисот на Медитеранот и на слаткото од зрели смокви, со кое секој добронамерник се дочекува, за добредојде.

А гевгеличани ме освоија со својата добрина, простодушност, добронамерност и отвореност, која веројатно потекнува од легендата за настанокот на името на градот, во кој главна улога имал еден дервиш. Толку многу му се бендисало сѐ, што не сакал да си оди. Жителите одбиле да му дадат гостопримство и тој им се заканил дека „ќе им го сотре семето“. Од страв од одмазда, го повикале назад со зборовите „гел-гери“, во значење „дојди, врати се назад“, што тој и го сторил. Иако легенда, гевгеличани ова го сметаат за заклетва на предците т.е. секогаш да бидат добредојдени оние што одлучуваат да ги вдомат своите идеи во градот. И тој аманет гевгеличани до денес го почитуваат. Така ме пречекаа и мене, а јас токму тука ги вдомив моите идеи за новинарството и за животот.

Периодов бевте ангажиран со пишување на книгата „Гевгелија за почетници“, за што станува збор?
– Со книгата „Гевгелија за почетници“ правам обид да создадам литературно дело што претставува редок прозен обид. Сакав да напишам книга во која, како во учебници за изучување странски јазици во100 лекции, ќе забележам 100 интересни приказни што би требало да ги знае секој што првпат ќе дојде во Гевгелија. Во тие приказни, намерникот или случајниот минувач, или туристите, кои ќе дојдат на ден, два, три или… сто, сеедно, ќе имаат книга каде ќе може да ги откријат и душата на градот, и питомоста на луѓето, и сончевината што никаде не грее како овде. „Гевгелија за почетници“ ќе биде печат за минатото, но и корисна лектира на туристот и читателот што сака да се запознае со хронологијата на градот.

Како ја создававте книгата?
– Поминав долги часови и денови копајќи по сите можни книги, документи, архивски материјали и новински изданија, во градската библиотека „Гоце Делчев“, каде што, морам да признаам, се наголтав прашина прелистувајќи ги ден за ден, упорно, пожолтените страници на најстариот македонски весник „Нова Македонија“, за да откријам некој интересен прилог за Гевгелија напишан од тогашните дописници. Разговарав и со постарите гевгеличани да откријам уште некоја интересна приказна. Оваа книга на интересен, забавен, но и едукативен начин ќе им го доближи градот на „јабанџиите“ што првпат ќе дојдат во него.

Кои приказни, според вас, ќе им бидат интересни на читателите?
– Приказната за свилените буби, нивниот откуп и точење на свилениот кожурец во свилен конец. Значаен е податокот дека Гевгелиско се споменува како најголем производител на свилена буба на Балканот. Онаа за маалата во Гевгелија и многубројните анови, конаци и амами, за убавините на планината Кожуф и приказната како го добил името врвот Момина Чука, за куќата на колекционерот на локалитетот Вардарски Рид, за првата топка и првата гитара донесени во Гевгелија, за безвременската рок-група „Зијан“, за Народниот театар, световните и црковните манифестации и, се разбира, за казино-туризмот, бидејќи Гевгелија израсна во своевиден македонски Лас Вегас

Што ќе им откриете како куриозитет на гевгеличани за нивниот град?
– Има многу работи што ќе бидат ексклузивни, дури и за самите гевгеличани. Ќе спомнам само неколку: приказната за првата када од античко време кај нас, за бањите кај Негорци, каде што, според легендите, се капела и мајката на Александар, Олимпија. Тука е приказната за првиот блех-оркестар во Македонија на војводата Аргир Манасиев, како и онаа за патувањето на КУД „Танец“ од Миравци во Лондон во дамнешната 1936 година. Интересни стории има за две значајни личности што престојувале во Гевгелија, Гоце Делчев, кој како учител неколкупати бил тука, и Јосип Броз-Тито, кој, враќајќи се од Шпанија, поминал извесен период во притвор во тогашниот гевгелиски затвор. Секако, во книгата ќе се најде и лексиконот на Стефчо Стефанов за гевгелискиот дијалект, како и за најстариот и најголем полски брест во земјава, во дворот на црквата во Негорци, стар пет века…