Долгоочекуваната втора сезона од популарната македонска серија „Фамилијата Марковски“ ќе почне со премиерно прикажување утревечер, во 19.20 часот, на телевизијата Канал 5. Серијата минатата сезона ги освои симпатиите на публиката прикажувајќи го секојдневието на членовите на фамилијата Марковски и предизвиците што ги носи живеењето во едно дисфункционално општество.

Серијата е во продукција на „Арт проект лаб“. Лиле (Силвија Стојановска), Иван (Александар Миќиќ), Јана (Тамара Ристоска), Виктор (Владимир Петровиќ) и Бојан (Петар Петковски) од оваа сабота ќе продолжат преку своите лични приказни да ни го илустрираат македонското секојдневие, допирајќи многу теми што често завршуваат на маргините. Здравствениот хаос, партиските вработувања и непотизмот беа само дел од темите што беа обработени во претходната сезона. Втората сезона на „Фамилијата Марковски“ имаше и свое фестивалско претставување на годишниот Сараевски филмски фестивал, каде што премиерно беа прикажани првите две епизоди.