Вселенски ураган за првпат беше забележан од научниците на 1.000 километри над Северниот пол, нудејќи првичен историски поглед на феноменот. Вселенскиот ураган траел речиси осум часа, пренесува „Индипендент“.

Големиот ураган беше забележан од тим научници предводен од кинескиот универзитет „Шандонг“, кој ги анализираше снимките од сателитите направени во 2014 година со цел да конструира 3Д-слика на феноменот во јоносферата на Земјата. Во вселенскиот ураган, наместо капки дожд, врнат електрони.

– Досега беше неизвесно дека вселенските плазма урагани постојат, па затоа ова откритие е неверојатно. Овие вселенски урагани се создадени со невообичаено голем и брз трансфер на сончевата енергија преку соларните ветрови и наелектризираните честички во горниот дел на Земјата – изјави Мајк Локвуд, професор по физика.

Се претпоставува дека вселенските урагани се одговорни за зголеменото влечење на сателитите кон Земјата, нарушувања во радио-комуникациите со висока фреквенција и за грешки во радарите, сателитската навигација и комуникациските системи.

Ваквите вселенски појави се во фокус на истражување од 50-тите години на минатиот век поради сателитската технологија, односно од забележувањето на првите соларни ветрови.