Колегите и пријателите во спомен на Драган Вучиќ

Колеги, пријатели и почитувачи на познатиот македонски музичар, композитор и телевизиски водител, Драган Вучиќ (65), по веста дека тој вчера ја загуби битката против вирусот ковид-19, по двонедлено лекување на Инфективната клиника во Скопје, на социјалните мрежи се простуваат од него со одбрани зборови и навраќање на случки што ги доживеале заедно. Речиси сите го потенцираат неговиот ведар дух, пријателски однос, помошта и поддршката што ја добивале од него.

„Само оние кои добро те познаваа ја знаат твојата вистинска вредност“ – напишаа некои од неговите блиски, алудирајќи на некои поинакви мислења за него во јавноста.

Еве некои од реакциите:

Благоја Грујовски: Чувствувам потреба да кажам неколку реченици за Драган Вучиќ за оние што не го познаваа доволно. Естрадата ќе го памети како еден од најхаризматичните ликови во браншата.Беше еден од најдобрите басисти на овие простори во 1980-те и 1990-те,пример за многу млади музичари. Во неговите големи раце басот беше како играчка со која правеше сѐ што ќе замисли. Беше лидер на две врвни популарни групи од тоа време – „Тавче гравче“ и „Кода“. Уште тогаш се препознаваа неговите организаторски и промотерски вештини.

Потоа имаше успешна соло кариера, а создаде и неколку незаборавни фолк и поп хитови.

Музичката дарба ја наследи од неговиот татко Миле Вучиќ исто така познат естраден музичар. Беше зет на легендарниот Пеце Атанасовски кој го воведе во македонската изворна музика. Неговиот талент го наследи синот Мартин Вучиќ. Поновите генерации го знаат главно како водител на голем број телевизиски шоу програми. Драган имаше интелигенција и непогрешлива интуиција да го препознае интересот на широката публика на која ѝ се обраќаше. Тоа му донесе успех, но и критики и од некои „паметни” кои не го познаваа и кои немаат ништо зад себе ни пред себе. Драган соработуваше со сите естрадни уметници без дискриминација затоа што ја познаваше многу добро областа од која и самиот потекна.

Стекна реноме и почит надвор од Македонија. Во неговите програми продефилира кремот на екс ју естрадата. Имав доста соработка со него, заеднички настапи и гостување во секое негово шоу. Ќе го запаметиме како извонреден човек, музичар, автор и шоумен.

Бојана Скендеровски: Ти, Драгане, беше институција,но не те почитувавме…сите ние можевме да учиме од тебе како се работи телевизиската работа. Ти имаше сенс,во секое ново време ти добро се снаоѓаше,беше подршка на сите нови музичари кои се појавуваа,безброј пати гостував во твоите емисии,ти беше људина,и човек со големо срце,карпа човек,и мислев дека на таквите како тебе не може ништо да им биде… патувај мирно… нема да бидеш заборавен, сигурна сум во тоа.

Росана Сариќ Тодоровска: Човек, вистински уметник и секогаш со огромна енергија. Го озборуваа, го клеветеа, но го гледаа. Ние кои одлично го познававме, знаевме каков човек е.

Коста Петров: Почивај во мир Драган. За жал, не покажавме доволна почит кон тебе и твоето творештво додека беше меѓу нас. Ќе те памтиме по бројните хитови но и проекти со кои ја забавуваше македонската публика. Беше еден и единствен.

Владимир Блажев: Откако дознав за неговата состојба и дека е хоспитализиран минатиот вторник, без размислување му пишав СМС за поддршка и побрзо закрепнување. Ми врати едноставно во негов стил: ти си едно големо срце. Е сега денс тоа срце е тажно. Загубивме еден голем човек, пред се татко, дедо, музичар, шоумен, професионалец и дефинитивно еден од најхаризматичните ликови во нашата земја и естрадата. Ми беше чест што те познавав. Длабоко сочувство до фамилијата и блиските.Легендите живеат вечно

Верица Пандилвоска: Со ценетиот, еминентен композитор, пеач, тв водител и мој добар пијател и композитор Драган Вучиќ првапт со него ме запозна Љупчо Мирковски. Тој беше првиот човек од музичкиот свет кој имаше доблест, желба и сакаше да ми помогне да запловам во естрадните води. Песната што ми ја подари ја изведовме на Интерфест Битола таа година и за изведбата добив награда за најдбра интерпретација.Му благодарам што имаше визија и виде во мене нешто а со тоа ме поттикна понатаму да зачекорам храбро во музичките естрадни води. Драган никогаш нема да си оди од нас бидејќи неговите дела ќе говорат за него.

Блага Петревска: Загубивме добар колега со широка душа.

Ване Маркоски: Никогаш нема да заборавам дека беше меѓу двајцата колеги, кога пред три години бев во болница, што редовно ми се јавуваше да праша како сум. Кој не те познаваше лично, не знаеше ништо за тебе како човек.

Александар Митевски: Почивај во мир, Драгане .Ти остави силна трага зад себе, за сите…

Дарио Панковски: Драган Вучиќ. Име и презиме, мој драг пријател, одличен музичар, автор на безвременски хитови, харизматичен водител и шоумен. Многумина го обожаваа, некои за жал го исмејуваа, но тој прв ја откри вистинската формула за тоа што всушност најшироката популација сака и им го нудеше тоа како вистински професионалец. Искрено се надевав дека засекогаш ќе не расположува со своите бескрајно шармантни и спонтани коментари, но не… Тој е за мене Драгче од мое старо маало, од Млин Балкан, со кој речиси секој втор ден се гледавме на кејот на Вардар на џогирање или пешачење. Сега, секој нареден ден на кеј ќе ми фали неговото: „Еј здраво Дарче, шо праиш, шо има ново?”, онака скопски. Многу ми е жал, Многу! Ангели нека те носат горе, твоето име нема никогаш да зајде. Почивај во мир друже мој.

Драган Б.Костиќ: Не паметам кога прв пат сум се сретнал со него. Но, многу одамна.

Паметам кога последен пат сум се слушнал со него.Неодамна, телефонски, ме побара да провери да ли е вистина една вест која допрела до него. Ме посоветува бидејки во тој естраден одел беше далеку поискусен од мене. Ми рече: „Не верувај никому. Работи сам, или по твое”. А тој работеше. И тоа многу. Постојано измислувајки нови содржини на истата форма: водител на емисии за народ. Иако раскрупнет, ми делуваше многу здраво.

Мажевно. Сигурно. Достоинствен во вербата во она што го прави. А тоа што го создавал, нематеријалното, не го однел со себе.Го оставил за да сведочи за него.

Ќе го памтам по многу нешта, добри, а особено по неговото учество во емисијата „Б со точка“, веојатно една од најдобрите самораскажани биографии. Пред рамно две години.

Име, патувај таму каде што и многумина пред тебе но и по тебе. Со верба дека е тоа подобро место од ова.

Петар Младеновски: На овој „Вучиќев” бас ги отсвирев сите поголеми концерти и албуми низ годиниве. Почивај во мир Драган Вучиќ. Во мигови на болест сите сме исти.

Александар Ристовски Принц: Почивај во мир Мистер Басмен. Првата жива свирка која сум ја гледал беше на Олимписко село 1978, ти и Смиља Митреска….

Бранка Костиќ: Драган почивај во мир, нека е вечен светлиот помен на тебе и нека твоите најблиски најдат сили да се справат со ненадоместливата загуба.

Марко Коловски: Со неговите многустрани дарби даде колосален придонес во многу сфери од нашата култура и секојдневие. Некои од неговите творечки остварувања дадоа белег на своето време, а дел од нив станаа трајна вредност во нашата музичка ризница. Загубата е шокантна, ненадоместлива. Нека има спокој меѓу ѕвездите. Искрено сочувство на спругата, синот и сите најблиски во овие тешки мигови. Вечна слава.

Александра Јовановска: Вчера го гледав… Исклучително достоинствен соговорник на големиот број балкански музички ѕвезди, а тоа само по себе говореше за неговата професионална и лична биографија…Навистина ми е жал, длабоко сочувство до семејството, нашата драга колешка од радиото Весна Вучиќ и почитуваниот соработник на МТВ, Мартин Вучиќ… Слава му!

Драган Вучиќ со сопругата Весна

Сузана Туринџиева: Неизмерна е загубата кога некој, кој е во своите најдобри години починува, башка создал ненадминливи музички и авторски дела… Драгане, нека ти е вечна слава и благодарам за песните кои ни ги остави… Денес, сонцето зајде за твоето семејство, а ангелите те носат високо во небесниот бескрај… А за јавноста и устите (со чест на исклучоци) гладни за сеир и чешит: Аман немојте! Кога не ве биваше да кажете некој убав збор за време на неговиот живот, немојте ни сега… воздржете се…

Бојан Маровиќ: Мој драг другар, еден до оние кои секогаш го поддржуваше она што го работев. Со негвоиот син Мартин го работев својот прв концерт. Многу сум тажен во вој миг. Почивај во мир друже мој.

Марјан Стојановски: Голем Човек што никогаш нема да го заборавам. Почивај во мир драг пријателе!

Љупчо Мирковски: За жал, ја загуби битката… Почивај во мир другарче мое.

Кристина Арнаудова. Почивај во мир легендо. Еден од ретките кој остана ТВ ѕвезда до последен здив и кој вистински го разбра и го работеше шоу бизнисот… Колегите музичари велат дека бил најдобриот басист кој го чуле.

Сузана Спасовска: Жално, ни замина колега и пријател со големо срце, секогаш насмеан и со ведар дух.Нека почива во мир! Длабоко сочувство до семејството. Нашиот колега и пријател Дракче си замина. Беше насмеан човек со ведар дух и секогаш спремен да направи добрина. Сочувство до семејството Вучиќ и Бог да им даде сила за понатаму со најубав спомен за него. Нека почива во мир! Слава му!

Ана Глигорова: Драган Вучиќ, кој не го познавал не знае каков исклучителен човек беше. Ја имав таа среќа да го познавам преку мојата телевизиска работа колегата Драган. Колку и да беа поделени тие кои ја сакаа и не ја сакаа неговата ТВ ангажираност, едно беше постојано присутно – секогаш знаеше да измисли нов проект, многу ја сакаше телевизијата, беше подготвен буквално со секоја од нашите ТВ станици да соработува за да го оствари науменото. Рејтинзите му беа секогаш високи, па пукаа од завист дел од неговите колеги водители и музичари, кои луѓето не ги ни памтат како имиња. Безимени ама арогантни. Тој насмеан, со широко срце, фер плеј играч, тимски работник, го ценеше трудот на секој од тимот.Алтер егото на балканскиот човек, талентираниот и харизматичен Драган Вучиќ замина на некое место каде што постојано се пее, свири, каде што сите се весели и широко насмеани. Почивај во мир колега од телевизиите.

Зорица Поп Панкова: Човек со големо срце и душа, кој ја научи азбуката на шоу бизнисот, но никогаш не загуби ништо од својата човечност. За некого утопија, за мене вистина. До гледање друже мој…

Огнен Јаневски: Драган беше исклучителен човек, неверојатен колега, виртуозен басист и пред сè, ретко чесен во шоу-бизнисот и редок професионалец. Без разлика што многупати и со него сум спорел за неговите телевизиски производи, не смее да се заборави еден факт, за кој допрва ќе треба да се изучува и да се внесе во учебниците за идните дејци во нашата фела… Драган Вучиќ е еден од на една рака изброените ТВ-лица во земјава, што секој пат наоѓаше начин да опстане на ТВ-екраните. Повеќе од 25 годинии и никогаш неповторувајќи се, тој беше постојано присутен. Кој ќе рече дека не погледнал барем едно негово издание некогаш, а често во континуитет, нека се потсети дали е така, зашто веројатно не е. Тој точно знаеше како да допре до секој кој гледа телевизија и да го анимира преку своето водителство кое беше поприлично разнолико. Го спојуваше и неспојливото, на начин на кој никој друг не можеше. Ги забавуваше и тие – кои никој не ги гледа во земјава. Лично го почитуваа луѓе, кои никој друг не ги почитувал од „големците“.Драган беше неверојатно креативен, чесен соработник и постојан бизнисмен во македонските медиуми, а повремено и регионално.Драган ценеше сечиј труд, без разлика на паричната вредност. Точно знаеше како се создава и тоа го немаше заборавено. Затоа секој пат со ќеиф соработував со него, дури и кога ќе ми речеше дека нема многу пари во „тезгата“.

Кој не соработувал и не другарувал со Драган Вучиќ не го знае каков прекрасен колега и другар беше, а неговите совети ми се од исклучителна помош и денес во оваа фела.

Ти благодарам, Драган. Прерано нè напушти. Почивај во мир.

Драган Вучиќ со семејството