Јапонската компанија „Скај драјв“ објави дека успешно го тестирала својот летачки автомобил. Во компанијата истакнале дека како поставена цел посакуваат возилото да стане секојдневно превозно средство.
На презентацијата на полигонот за тестирање на „Тојота“, еден од најголемите во Јапонија, јавно биле демонстрирани можностите на автомобилот, пренесува Си-ен-ен. Наедно ова била прва јавна демонстрација на еден летачки автомобил во историјата на оваа држава. Возилото е наречено „СД-03“ и неколку минути се движело на споменатото подрачје.

– Екстремно сме возбудени поради тоа што го имавме првото возење со летачки автомобил, и тоа две години по основањето на „Скај драјв“. Целта ни е ваквиот начин на возење да стане секојдневие – изјавил извршниот директор на компанијата, Томохиро Фукуџава.
Според неговите зборови, тие ќе работат на тоа возилото да биде достапно, сигурно и соодветно превозно средство. Како што наведува Си-ен-ен, „СД-03“ е најмалото летачко електрично возило што може вертикално да полета и да слета. Има осум мотори и опремено е со безбедносен систем за „вонредни ситуации“.

– Настојувавме возилото да биде футуристичко, харизматично и пожелно за сите купувачи – порачуваат од „Скај драјв“.
Во наредниот период автомобилот ќе се тестира надвор од полигонот на „Тојота“ и во различни услови, за да биде сосема сигурен за користење.