Џон Илија Апелгрен, џез-пејач

Речиси по десет месеци ненастапување, познатиот македонски џез-пејач Џон Илија Апелгрен неодамна, во придружба на „Мартин Ѓаконовски трио“, настапи во малата сала на Македонската филхармонија. На програмата беа некои од најубавите и не толку често изведувани џез-композиции на Нет Кинг Кол, еден од најомилените џез-пејачи на Апелгрен, на кого и тој потсетува со својот нежен баритон и импресивна изведба

Со запирањето на сите активности на музички план поради пандемијата, останавте без ангажмани. Како може државата да им помогне на креативците?
– Периодов секаде во светот се зголемуваат бројките на заболени, но тоа не значи дека музичарите треба да се оставаат да гладуваат. И тоа го мислам буквално, има луѓе од браншата што не можат да си ги прехранат семејствата. И јас живеам исклучиво од музика, заедно со ќерка ми Ирина, во изнајмен стан. Ако може да се најде начин луѓе да се возат со градски автобус, да чекаат во банки, да одат во маркети, мора да се најде начин и музичарите да функционираат во истите услови. Зошто јас сум опасен ако пеам во некој агол на некој клуб и носам маска?

Дали новоформираното здружение „Музика сега“ е еден од начините да се насочи вниманието кон музичарите?
– Се надевам дека е така, но имам впечаток дека политичарите нѐ заборавија. Дали знаат дека постоиме? Ова нема вечно да трае, ќе заврши сѐ, но проблемот е како ќе се вратиме во нормален живот и каков живот ќе биде тој. Половина клубови и кафулиња ќе бидат затворени, ќе се вратиме во осиромашено општество, со задолжена држава. И она што сега музичарите го споделуваат на социјалните мрежи, нова песна, спот, никој не размислува дека некој вложил во тоа, работел, снимал. Ме иритира неправда и реагирам. Секогаш имам став и не сум нежен кога напаѓам, но секогаш тоа го правам со повод.

Дали периодов се насочивте кон креативност?
– Снимив песна на аргентински за албум на едни мои пријатели, која наскоро ќе излезе. Станува збор за „Un vestido y un amor“, на композиторот Фито Паез. Исто така избирав репертоар за албумот на француски јазик, кој е во подготовка, на кој ќе пеам песни на Шарл, Азнавур, Ив Монтан, Хенри Салвадор…

Имате две државјанства, македонско и британско. Дали сте среќен што поголемиот дел од животот го поминавте тука, а не во Лондон?
– Ирелевантно е. Лондон е далеку два часа од Скопје, како и други места во Европа. Јас тука ја стекнав базата, тука се образував, дојден сум овде на две и пол години. Се вратив во Лондон во 1990-тите, па пак дојдов тука. Не мислам дека ќе направив повеќе ако бев таму. Кога пеев во 2012 г. во Шангај, никој не ме праша од каде сум. Битно е да си добар и да имаш каде да го покажеш тоа што го знаеш.

Своевремено имавте желба да „заразите“ многу луѓе со џез, го направивте ли тоа?
– Да, но ќе заразевме уште повеќе ако МРТ продолжеше да функционира како во 1990-тите. Еден од главните проблеми сега е што македонските музичари не се присутни во македонските медиуми. Своевремено, во легендарното студио М2 во МРТ јас снимив 160 џез-стандарди, како вокалист на ревискиот оркестар. Поголема шанса прв ми даде Илија Пејовски, но имав одлична соработка со музичарите, диригентите и со продуцентите. Можев да снимам што сакам, а за мене тоа беше фантастично.

Дали тие снимки денес се чуваат во архивите на Македонската телевизија?
– Половина од снимките не се зачувани, за жал. Тие се сопственост на МРТ, а нејзината архива треба да се чува како национално богатство, не само заради мене туку и заради снимките на Шпато, Нина Спирова, Диме Поповски, Вања Лазарова, Петранка Костадинова…

Колку ви значи што на репертоарот имате песни од генијалниот Драган Ѓаконовски-Шпато?
– Шпато е човек што не може да се прескокне ако се зборува за македонската популарна и џез-музика. Неговите песни за мене се нешто најубаво што го интерпретирам. Тој напишал безвремени композиции, одлични аранжмани, воспитал еден куп музичари. Жал ми е што не го запознав, иако учев со неговиот син Мартин Ѓаконовски, со кого работиме заедно, имаме наш бенд, снимаме, настапуваме.

Често настапувате со оркестри, но и со камерни состави, а неодамна реализиравте музички проект со пијанистот Гордан Спасовски. Каде се чувствувате поубаво?
– Различно е чувството. Албумот со Гордан е многу интимна приказна и затоа се вика „Midnight conversation“. Со „Биг-бенд“ е поинаку, тие настапи се наменети за друга публика. Но каде и да пеам, секогаш сум максимално концентриран. Не е магијата големината на сцената или бројноста на публиката. Магијата се создава кога музичарот ќе предизвика емоции кај публиката, дури и само кај еден човек. Во 2017 година, на концерт со „Биг-бендот“ и дел од гудачите на Филхармонија пеев една балада, забележав во публиката луѓе со затворени очи, мирно слушаат, исклучени уживаат. Не сум бил посреќен од тој момент и, ете, уште ми трае впечатокот.

Дали ќерка ви Ирина ги наследила вашите музички гени?
– Да, Ирина има 21 година, свири гитара, бас, и многу личи на мене, всушност таа е мојата подобра верзија. Како родител, сѐ ѝ пренесов и се чувствувам поостварено како татко отколку како пејач.

Дедо ви беше познатиот глумец Илија Џувалековски, кој пееше одлично. Дали некогаш сте добиле комплимент од него?
– Да, дедо ми дипломирал на Музичката академија во Белград и освен што беше одличен глумец, убаво пееше. Тој ми даде само еден комплимент, и тоа не сакајќи. Во бифето на Драмскиот театар некој дошол и му кажал: „Дали сте вие дедото на Џон Апелгрен?“ Кога дојде дома ми рече: „А бе, изгледа те бива“. Тоа е најголемиот комплимент што сум го добил од него. Не беше одушевен што пеам и што ја оставив виолината по девет години свирење. А јас знаев дека подобро пеам отколку што свирам и затоа го сторив тоа.