Професорката по психологија Кетрин Со измисли робот што им помага на децата со аутизам да развиваат социјални вештини. Роботот е развиен како дел од програмите поддржани од невладини организации и училишта во Хонгконг. Корисен е за деца со аутизам на возраст од три до 18 години и им помага да се справат со секојдневните предизвици и проблеми, вклучувајќи и конфликти и малтретирање.
Кетрин, која е професорка на кинескиот универзитет во Хонгконг, вели дека програмата се спроведува од 2015 година кај повеќе од 1.200 деца.
– Луѓето со аутизам се помалку мотивирани да комуницираат со други луѓе и се пречувствителни на околината во која живеат. Затоа ние користиме роботи што ги учат на социјални вештини за да ја намалат нивната вознемиреност – објаснува таа.
Роботите си играат со децата и на тој начин ги охрабруваат вербално да комуницираат. За време на обуката, се користат два робота за да им помогнат на децата да ја разберат разликата помеѓу соодветното и несоодветното однесување.
Помошта на роботот ја користи и петгодишно девојче, чија мајка Музе Вонг тврди дека по седум месеци нејзината ќерка ги подобрила своите социјални вештини.
По образованието со помош на роботите, децата се охрабруваат да ги користат своите вештини, сето тоа со помош на ментор, пренесува „Ројтерс“.