Новотворената кафетерија „ Фаунд“ во Хонгконг нуди храна и пијалоци кои содржат делови од растението канабис, без да ги крши локалните закони, пренесува „Асошиејтед прес“.

„Фаунд“ е првата кафетерија во Хонгконг што нуди кафиња, бисквити, пиво и овошни сокови кои содржат канабидиол или Си-би-ди (ЦБД), супстанца од растението канабис, за која се вели дека има терапевтски ефекти, без штетно влијание на корисниците, пренесува агенцијата.

Соединението на тетрахидроканабинол од канабис, познато како Те-ха-це (ТХЦ) е психоактивна состојка со голема концентација. Но, за разлика од Те-ха-це, Си-би-ди обично се користи за да помогне во намалување на стресот, без штетно влијание на корисниците.

Иако Си-би-ди е канабиноид, според законите на Хонгконг не е класифициран како опасна дрога. Според прописите на центарот за храна и безбедност во Хонгконг и за опасни лекови, незаконскиот увоз на канабис или какви било производи што содржат контролирани канабиноиди претставува кривично дело.

Килијан Хуси, муштерија на кафулето „Фаунд“ за агенцијата изјавил дека консумирањето Си-би-ди кафе е релаксирачко.

– Кафето е вкусно и ми се допаѓа ефектот што Си-би-ди го има врз мене – рекол Хуси додавајќи „когнитивно и физички, некако ми помага да ги пребродам болките во нормален ден“.

Во „ Фаунд“ едно Си-би-ди ладно кафе чини 10 долари, додека пак една лименка Си-би-ди пиво 9 долари. Кафетеријата отворена на почетокот на месецов, се очекува да биде целосно во функција во октомври.