Ламбе Крстаноски (70) градот го замени за село

Седумдесетгодишниот Ламбе Крстаноски од струшкото село Подгорци без мака се движи по планините пасејќи стотина овци и вели дека во прекрасната природа не му недостигаат ниту градот ниту луѓето.
– Тука сум, во планината. Еве, си го пасам моето стадо, уживам во прекрасната природа и во еколошката средина и воопшто не ми недостига друштвото, ниту, пак, ми е жал за градот – вели тој.
Со леснотија се движи по угорници пасејќи ги овците, на што можат да му позавидат многу помлади од него.
– Пред десет години, кога се пензионирав, одлучив градот да го заменам со селото и му се вратив на родното огниште, кое своевремено го напуштив. Во селото Подгорци живеам со сопругата Трајанка, а нашите ќерки, кои веќе имаат свои семејства, редовно нѐ посетуваат за да ни ги донесат потребните работи од градот, но и да земат од домашните млечни производи што ги произведуваме – вели овој витален пензионер.
Ламбе вели дека не се чувствува убаво во градското опкружување.
– Таму едноставно се задушив и не се чувствував убаво. Се вратив овде за да ја продолжам овчарската традиција, која моето семејство со години ја негуваше. Уште како дете сум со овците, трчајќи по ливадите. Токму затоа решив, сега, во третата доба, да ѝ се вратам на мојата љубов кон овчарството.

За пасење на овците главно сум одговорен јас, а од млекото правиме сирење, кое подоцна го продаваме. Проблем со пласманот немаме. Мал проблем ни претставуваше минатогодишната суша, поради која овците немаа доволно трева за пасење, па поради тоа не даваат многу млеко како во изминатите години. Но против природата не се може – вели Крстаноски.
На прашањето дали и покрај љубовта кон природата и овчарството, понекогаш не му недостигаат контактите, шетањето, дружбата, вели дека ништо не е тешко кога се прави со љубов.
– Напорно е, има многу работа во овчарството. Од друга страна, сопругата сама потстрижува овци, пере, чисти, готви и прави најубаво сирење. Сепак, животот во природа не би го менувал за ништо. Откако сме тука, се преродивме, повитални сме и двајцата, а тоа е уште еден доказ дека чистата животна средина го продолжува животот – вели Ламбе додека ги надгледува овците.
Тој со сопругата живеел и работел во Виена, Австрија, цели тресет години, но веднаш по пензионирањето, без колебање, се вратил во Подгорци, Струшко, неговиот роден крај. Вели дека воопшто не му е здодевно и оти веќе се навикнал на овој начин на живот.

Стојан Кукунешоски