Јужнопацифичкиот вител е една од петте големи океански струи на нашата планета и се наоѓа, како што сугерира и името, во јужниот дел од Тихи Океан.
Ова е местото каде што се наоѓа Точката Немо, односно недостапниот океански пол. Се смета за најоддалечена точка од копното на Земјата.
Овој простор на океанот е поинаков од своето опкружување, а е познат и како гробница за вселенски летала.
До неодамна ни научниците немале јасна слика за тоа што се случува во овие таинствени води, кои заземаат 10 проценти од Земјината површина. Јужнопацифичкиот вител, од таа причина, секогаш важел за пустина во поглед на морската биологија.

И покрај својата изолираност, таму животот опстанува, но причините од неразвиениот екосистем се многубројни и подразбираат недостиг од хранливи материи што ги нуди копното, начинот на кој кружењето на водата го изолира вителот од остатокот од океанот, како и високото ниво на УВ-зраци.
Но, и покрај сите предизвици, неодамна научниците успеале да погледнат во микробиолошкиот систем на тамошните води.

Екипажот, кој бил предводен од истражувачи од институтот за морска микробиологија „Макс Планк“ од Бремен, Германија, тргнал на шестнеделна експедиција, која се протегала од Чиле до Нов Зеланд. Благодарение на напорите на истражувачите, биле собрани микробиолошки податоци од длабочина до пет километри.
Сознанијата до кои дошле потврдуваат дека бројот на микроорганизми на површината на Јужен Пацифик е тројно помал од бројот на клетки во атлантскиот вител.
– Тоа веројатно е најмал износ на живи клетки измерен на површината на океанот – тврди микробиологот и еколог Бернард Фукс за „Сајенс алерт“, чиј тим врши истражувања на собраните примероци.