Во Сингапур се планира да се изградат 42.000 дома во т.н. паметен град, што значи дека локалното население многу од своите потреби ќе исполнува преку автоматски услуги. Тоа е држава во која 80 проценти од луѓето живеат во јавни домови, така што Владата има големо влијание врз урбаниот развој и неговите последици. Планот е да се изградат нови 42.000 стана во пет области, поточно еколошкиот град Тенгах, што е малезиски збор за просечност или средна класа. Тоа ќе биде 24-та населена област што Владата ја изградила од крајот на Втората светска војна.
Системот за климатизација ќе биде централизиран, собирањето смет и отпад ќе се автоматизира, а автомобилите ќе бидат забранети во центарот на градот. Целта е да се придонесе за намалување на емисиите на јаглерод во градот.
Официјалните лица го нарекоа шумски град поради големите зелени површини. Тој ќе се наоѓа на местото на поранешна фабрика за тули, а се простира на површина од 700 хектари.

Проектантите посочуваат дека поголемиот дел од просторот ќе биде наменет за пешаци и велосипедисти. Ова е очекувано со оглед на тоа што во последните години сѐ повеќе се развива велосипедизмот во Сингапур.
Инфраструктурата е дизајнирана и за употреба на електрични и самовозачки автомобили, така што ќе има поголем број полначи на батерии за возилата. Особено внимание ќе се посветува на ладењето во внатрешноста на објектите. Имено, во оваа земја со шест милиони жители, емисиите на штетни гасови се поголеми отколку во Велика Британија, Кина и Малезија. Една од причините за тоа се климатизерите, кои сочинуваат една третина од вкупната потрошувачка на енергија во домаќинствата. Со глобалното затоплување, овој проблем може да се влошува. Затоа паметениот град ќе користи поинаква технологија. Ќе се користи разладена вода, а за нејзиното разладување ќе се користи сончевата енергија. Со тоа ќе се намалат и емисиите на штетни гасови.

Почетната цена на становите ќе биде 82.000 долари, а првите станови треба да бидат изградени до 2023 година. Таму ќе се наоѓа и највисоката монтажна висококатница во светот. Секој жител ќе има апликација за следење на потрошувачката на енергија и вода. Тие исто така ќе имаат увид во нивното влијание врз животната средина, така што со својот начин на живот ќе може да придонесат за заштита на животната средина. Покрај шумскиот коридор, ќе има и земјоделски земјишта, пренесува „Си-ен-ен“.