Температурата во Верхојанск, градот во Сибир познат по екстремните температурни разлики, завчера достигнала 38 Целзиусови степени според руската метеролошка служба, пренесува „Асошиејтед прес“. Најниската регистрирана температура во Верхојанск е минус 68, а највисоката досега беше 37,2 Целзиусови степени.

Верхојанск, со околу 1.300 жители, го држи Гинисовиот рекорд како град со најголеми разлики во температурата, кои се движат и до 105 степени разлика.

Градот се наоѓа во арктичкиот поларен круг, во Република Јакутија, на околу 4.660 километри североисточно од Москва.

Поголемиот дел од Сибир годинава има невообичаено високи температури кои предизвикаа пожари на некои места.