Фото: Фросина Насковиќ

Поштенските марки претставуваат едно мало уметничко дело, имаат своја приказна, порака. МИА направи интервју со Игор Бансколиев од Скопје, кој се занимава со филателија, инаку уредник на фотографија во дневниот весник „Нова Македонија“.

Во својот дом во скопската населба Сопиште Игор ги презентираше неговите пригодни марки, што ги собира од 1988 година. Пригодните се јубилејни поштенски марки и се издаваат според програма одобрена од Владата.

– Почнав од 1988 година со првите писма на брат ми, кој тогаш служеше во Југословенската народна армија (ЈНА). Ми се видоа интересни марките, со мотивите. И така почнав да ги собирам. Не се поништени. Јас собирам марки што немаат печат. Ги купувам како колекција, како мотив. Каде што одам, прашувам, во Пошта, филателија, и купувам марки- вели Игор.

Се потсети дека порано филателијата била во Градскиот трговски центар, веднаш до ЕВН. Подоцна ја преселиле во Пошта, кај Нова железничка. Порано во ГТЦ се сеќава дека „вриело“ од посетители и од купувачи.

Меѓу светот на поштенските марки на Игор најмногу има југословенски, а потоа македонски, бугарски… Југословенските марки најмногу ги собирал или му ги подарувале од 1988 до 1991 година. Игор ни ги покажа албумите во кои се сместени поштенски марки со различни мотиви, флора, фауна, превозни средства, спорт, вселена, архитектура… Вели дека просто е невозможно да се соберат сите и оти решил да собира јубилејни.

– Иако живееме во време на интернет, СМС-пораки, писма, се печатат многу поштенски марки. Не застанува тој процес на печатење марки и нормално нивното собирање- посочи Бансколиев.

Филателија – хоби што продолжува да живее 

Со лупа и пинцета, Игор со љубов и внимателно ни ги покажуваше своите поштенски марки.

– Марката не смее да се фаќа со рака. Толку е тенка што може да се оштети, да се скине- потенцира Игор.

За неговото хоби ни раскажа дека знаат најблиските, роднини и пријатели, и честопати се случува да му подарат некоја поштенска марка. Додаде дека во последно време марки му купува и му носи и сопругата, кога ќе се врати од пат. Марките ги чува во посебни албуми, кои се скапи, но можат да се набават и кај нас, во книжарниците. Неговите албуми ги купува при патувања, најчесто во соседството. На нашето прашање како ги подредува марките, рече дека порано почнал да ги селектира по години, по теми, а сега како што ги собира така ги става во албум.

– Не можев и сега не можам да се одлучам. Кога ќе видам марка, ако ми се допадне, ја купувам. И не се менувам, или ја купувам или ја давам. Ако ја имам вишок, ја подарувам- нагласи Игор.

Вели дека првично кога купува марка, гледа дали му се допаѓа мотивот, дали му е интересна и ако таа означува некој јубилеј, ја купува.

Според него, бугарските марки се едни од поубавите во Европа бидејќи имаат доста убави мотиви, многу убав приказ за сè.

Ни го покажа албумот што специјално го собирал за неговиот син Никола, кој обожава возови. Игор ни покажа и еден плик што го добил како подарок од негов пријател од Кина. На пликот има поштенска марка со ликот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Вели дека тие се многу ретки и се отпечатени во мал број.

Го прашавме Игор за вредноста на неговите марки, но тој смета дека нема вредни марки затоа што ги купува во Пошта, каде што се отпечатени во голем број. Додава дека можеби тие ќе бидат вредни понатаму, но сега не.

Поради семејните и работните обврски, Игор ни раскажа дека има малку слободно време за неговото хоби и не е дел од некое здружение на филателисти.

Игор има постари марки, од 1945-1948 до 1951-1952 година. Вели дека има доста серии што се од времето на Југославија, како со религиозна содржина, со св. Богородица, со југословенски уметнички дела, птици, олимпијади… Ни посочи дека секогаш на марките се застапени мотиви од поднебјето од каде што доаѓаат, како на пример чапји…

Како проблем смета дека е непостоењето литература на македонски јазик, со објаснување за марките, вредноста, да има алманах… Ни го покажа Каталогот на поштенски марки и целини 1991-2001 година, како дело до кое успеал да стигне.

– Сепак, и покрај современата технологија, марките пак се печатат и не можам да постигнам како филателист. Не се скапи, но ако овој месец има десет серии, јас можам да си дозволам една серија- рече Игор, кој додава дека се потребни љубов, време и пари.

– Мене повеќе ми се допаѓаат овие поновите марки, по квалитет, имаат поубава графика, имаат поубави цртежи…- вели Игор за МИА, додавајќи дека и постарите марки имаат своја убавина и поголема вредност. Истакна дека и ние имаме убави марки, а од оние што ги поседува, тие се повеќе со фолклор и историја.

Филателијата, односно собирањето и проучувањето на поштенските марки, сè уште е популарно хоби во светот. Ги обединува луѓето кои му се посветуваат на ова хоби поради љубов, задоволство, проширување на своето знаење, а некои поради профит. Поштенската марка, пак, како амбасадор на државата издавач, овозможува поглед во културата на земјата, нејзиното уметничко и историско наследство.

Магдалена Ристоманов (МИА)