Додека американската издавачка куќа „Хачет“ одлучи дека сепак нема да ја објави контроверзната биографија на Вуди Ален, францускиот издавач „Едишнс сток“ е истраен во одлуката да ја објави на француски јазик. Ова доаѓа по јавните напади и гневниот испад на Ронан Фароу, син на Вуди Ален и Миа Фароу, на кој „Хачет“ лани му ја објави книгата „Кеч енд кил“, а кој изјави дека го разочарало сознанието дека истиот издавач има намера да ги објави мемоарите на Ален.

Тој тврди дека издавачката куќа не ги проверила фактите претставени во книгата на неговиот татко, ниту контактирала со неговата сестра Дилан, која веќе со години тврди дека Ален ја злоупотребувал како дете. Тој до денес ги негира обвинувањата.
Автобиографијата на Ален, „А пропо ништо“ на полиците на книжарниците требаше да се најде на 7 април, а од „Хачет“ ја најавија како „сеопфатен приказ на животот на Вуди Ален, како приватен така и професионален“. Изгледа дека сепак попуштија под притисокот откако десет вработени на фирмата најавија откази и ја стопираа објавата на книгата.

– Одлуката за откажување на книгата на господинот Ален беше тешка. Ги сфаќаме нашите односи со авторите многу сериозно и не ги откажуваме книгите лесно – велат од издавачката куќа.
Меѓутоа извесно е дека мемоарите ќе бидат објавени во Франција. Францускиот издавач „Едишнс сток“, имено, тврди дека „Ален не е Роман Полански“ и дека „американската ситуација не е француска“, како и дека на крајот на краиштата, невиноста на Ален ја потврдил и американскиот суд.
– Вуди Ален е прекрасен уметник, режисер и писател, а неговиот хумор може да се почувствува во секоја реченица на неговата автобиографија, во шеги на своја сметка, скромност и умешност во камуфлирање на трагедијата во комедија на своја штета – изјави главниот уредник на француската издавачка куќа и додаде дека ќе направи сѐ што е во негова моќ за да ја објави книгата што треба да излезе на 29 април.