Руските обвинители започнаа истрага бидејќи мајмун облечен во нацистичка униформа бил дел претстава во државен циркус. Во претставата имало и кози завиткани во нацистички знамиња со кукасти крстови, се наведува на веб-страницата на рускиот весник „Знак“, пренесуваат светски медиуми.

Сето тоа беше дел од претставата во циркусот Удмурт во градот Ижевск на 8 јануари годинава. Претставата се одржа под покровителство на Руската православна црква, која објасни дека програмата го симболизира „отфрлањето“ на нацизмот. Обвинителите соопштија дека дознале за инцидентот преку Интернет и потоа започнале истрага „за прикажување на нацистички симболи“. Рускиот закон забранува јавно прикажување на нацистички симболи.

Црквата одлучно ја брани претставата и во своето соопштение објаснува дека претставата е замислена како „симбол, не само на победата над фашизмот туку, и на отфрлање и глобално осудување на идеалите на нацистичка Германија“.

Црквата инсистира дека таа е опфатена со исклучокот од законот потпишан од претседателот Владимир Путин во март 2020 година. Исклучувањето дозволува прикажување на нацистичките симболи под услов „да создадат негативен став кон нацистичката идеологија“.

За време на претставата тренери кои носеле советски униформи командувале со мајмуните и козите, се вели во соопштението на руските црковни власти.

Циркусот од Удмурт исто така ги отфрлил критиките за претставата.

– Фотографиите на животните беа извадени од контекст. Нема ништо необично во фактот што такви иронични или гротескни ликови се користат во циркуски претстави – изјавила Елена Краснова, раководителка на односи со јавноста на циркусот.

Но, се чини дека фотографиите на мајмунот и козите со нацистички симболи се отстранети од профилите на циркусот во Удмурт на социјалните мрежи. Циркуските претстави со животни се уште се легални во Русија.