Најдолгиот висечки пешачки мост на светот е пуштен во употреба деновиве во близината на градот Арука, во северниот дел на Португалија. Мостот се наоѓа шеесетина километри од Порто и долг е 516 метри, а направен е над кањонот на реката Паива, во рамките на националниот парк, кој е под заштита на УНЕСКО. Изграден е 175 метри над земјата и широк е 1,2 метар, пренесува „Ројтерс“.
Овој најдолг висечки мост е направен од челични кабли и од метални решетки, а поставен е меѓу два огромни бетонски столба и отворен е само за локалното население, а од понеделник преку него ќе можат да поминат сите што претходно ќе резервираат посета.
Властите и жителите на Арука се надеваат дека оваа единствена атракција, чија изградба чинела околу 2,3 милиони евра и траела две години, ќе помогне за заживување на регионот, особено по пандемијата на ковид-19.