Драган и Влатко Илиевски

Иако популарниот македонски пејач и глумец Влатко Илиевски не е со нас од 6 јули 2018 година, спомените поврзани со него сѐ уште живеат, како и неговите песни: „Небо“, „Уште си ми ти“, „Со други зборови“, „Taка требало да биде“, „Сѐ што сакав после тебе“, „Гушни ме“, „Скитник“, „Најбогат на свет“, „За љубов се пее до крај“, „Среќа“… Трагата за сето она што го направи златното момче на македонскиот рокенрол, а тоа навистина не е малку, ја чуваат неговите најблиски, пријателите, колегите и обожавателите. Од 7 март на неговиот јутјуб-канал, за кој се грижи младиот Марко Шипка, постојано се дополнува, а освен неговите најголеми хитови, поставени се и четирите солистички концерти на Влатко во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во МОБ и два што се одржаа во Универзалната сала, плус настапите со групата „Морал“, чиј член стана како 17-годишник, како и последниот жив настап, кој го имаше со момците од бендот, на промоцијата на новиот албум „Кофеин блуз“. Иако најголема популарност му донесоа поп-рефрените, тој беше рокер во душа, а една од омилените песни му беше „It’s My life“ на Бон Џови.

Таткото на Влатко, Драган Илиевски, кого пријателите го познаваат и по прекарот Вршац, за кого сѐ уште е болно и многу емотивно да зборува за својот прерано починат син, со кого многу се гордееше, ни најави дека во подготовка се и две цедиња со песни што ги отпеал Влатко, како и монографија за неговиот живот и плодна кариера, на која работи познатиот македонски музички новинар Иван Бечковиќ.
– Подолго време со колегите на Влатко се договаравме да направиме нешто за да го зачуваме од заборавот она што го создаде тој. Во најскоро време ќе се издаде цеде „Најдобро од Влатко“, а потоа се подготвува уште еден носач на звук со необјавени песни. Има снимки со композиции на Кристијан Габровски, Владимир Дојчиновски, Дарко Тасев и Весна Малинова, кои требаше Влатко да ги објави на новиот албум, кој, за жал, не ја здогледа светлината на денот. На албумот ќе има бонус, „Не желиш крај“ од „Дивље јагоде“ и песна што ја сними со „Генерација 5“ – „Најјачи“.

Се подготвува и монографија, која ќе ја работи Иван Бечковиќ, што е навистина обемна и макотрпна работа, бидејќи треба да се опфатат поважните мигови од неговата кариера, а тоа навистина не е малку – ни рече Драган Илиевски.
Тој уште од првите успеси на својот син грижливо ги собирал сите исечоци од печатените медиуми, напишани за Влатко, и наполнил 15 албуми со медиумски објави, кои ќе бидат искористени и при изработката на монографијата.
– Верувале или не, тој имаше четириесетина насловни страници. Влатко по многу нешта беше прв кај нас, па и по тоа што прв ја наполни салата „Борис Трајковски“ од македонските пејачи. Иако имаше многу хитови, признавам и јас бев скептик дали ќе успее да ја наполни салата, но успеа, со помош и на тогашниот менаџер Кристијан Стефановски. Таа вечер, кога со сопругата се движевме кон салата, забележавме реки народ како одат натаму, а на паркингот имаше автобуси од цела Македонија. Тогаш сфатив дека мојот син постигнал нешто навистина вредно за почит – се присети Драган Илиевски.

Тој ни откри дека по иницијатива на Владимир Дојчиновски-Дојчин, Ристо Самарџиев и на членовите на групата „Морал“ се подготвува и настан, со работен наслов „Пријателите за Влатко“, бидејќи тој правеше концерти насловени „Влатко и пријателите“, што би требало да стане традиција, едно убаво дружење.
– Овие концерти треба да нѐ потсетат на радоста и позитивната енергија што Влатко ги ширеше околу себе. Секаде каде и да се појавеше, и тука и во странство, се менуваше целата атмосфера. Имаше харизма и допираше до луѓето. Јас одев на сите негови концерти и, се разбира, бев многу горд на сѐ што постигна.

Реакциите на неговата појава беа бурни, многумина велеа дека тој изгледа како да не е од оваа планета. Освен со својата убавина, тој допираше до луѓето и со својата добрина, никогаш за никого не сум го слушнал да каже лош збор – вели Илиевски.
Тој потсети и на водителските успеси на Влатче како прв водител на популарната емисија „Бекстејџ“, на квиз и на емисијата „Рок-кафе“, на актерството како дел од неговиот живот и на театарот.