Во подготовка е драматично рестартирање на „Принцот од Бел-Ер“, базирано на кратко видео што постигна голема популарност на интернет. Четириминутното видео, креирано од режисерот и љубител на серијата Морган Купер, ја претвора хит-комедијата во сериозна драма што раскажува приказна за тинејџер од филаделфиско семејство од работничка класа, кој се приспособува на животот со своите побогати роднини во Лос Анџелес. Видеото забележа над 7,5 милиони прегледи помеѓу две објави на Јутјуб и го привлече вниманието на оригиналната ѕвезда на шоуто, Вил Смит, кој сега, заедно со Купер, работи на нова серија.
– Морган направи неверојатен трејлер, брилијантна идеја – драматична верзија на „Принцот“ на следната генерација – рече Смит.

Проектот, познат како „Бел-Ер“, наводно се наоѓа во фаза на развој повеќе од една година, заедно со Смит и оригиналните продуценти, Бени Медина и Квинси Џоунс. Купер ќе биде косценарист, ќе дејствува како извршен продуцент и режисер, додека, пак, Крис Колинс, кој на јавноста ѝ е познат и по „Жицата“ и „Синови на анархијата“, ќе се појави во улога на главен продуцент.
„Принцот од Бел-Ер“ траеше шест сезони од 1990 до 1996 година, претворајќи го Смит во вистинска ѕвезда и оттогаш бележи постојана популарност. Во САД неодамна беше додадена на „ХБО мaкс“.