Во годината на пандемијата на коронавирусот, бројот на милионерите во светот надмина 20 милиони, објави консултантската фирма „Кепгемини“. Бројот на луѓето чие богатство е вредно еден милион долари или повеќе лани е зголемен за 6,3 отсто, односно на 20,8 милиони луѓе.
Севкупното богатство во сопственост на групи луѓе е зголемено за 7,6 проценти, односно за вкупно 80.000 милијарди долари. Големите добивки се стекнати благодарение на поголемите пазарни вредности на акциите, пренесе агенцијата „Хина“. Држави со најбогати луѓе се: САД, Јапонија, Германија и Кина, каде што живеат 63 отсто од светските милионери.
Најбрзиот пораст лани бил меѓу супербогатите, оние што имаат богатство вредно најмалку 30 милиони долари. Овој клуб пораснал за девет проценти во 2020 година.
„Кепгемини“ ги следи цените на акциите, обврзниците во сопственост, алтернативните вложувања, парите и имотот при процената на вредноста. Исто така се потпира и на податоците на меѓународните организации како Светската банка, како и на податоците од анкетите на богатите и нивните финансиски менаџери. Редоследот главно е во согласност со низа други листи на светски богаташи, објавени во последно време.