Балканскиот фестивал на народни песни и игри во организација на центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид, почнува денеска, а ќе трае до 8 јули. Ова ќе биде 58-то издание на најстарата фолклорна манифестација на Балканот, на која се афирмираат културните достоинства на народите.

Програмските придобивки, квалитетот на презентацијата на фолклорниот материјал и можноста тој да биде отворена сцена за комуникација на културите на народите, придонесоа овој фестивал да биде застапен во каталогот на ИОВ и ЦИОФФ на најзначајни фолклорни манифестации во светот.

Во рамките на фестивалот ќе има и неколку изложби и други придружни манифестации. Свеченото отворање е во 20.30 часот на сцената во Долни сарај, а публиката ќе ужива во програмата на националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“.

Покровител на фестивалот е македонското собрание, а организирањето е овозможено со материјална помош на Министерството за култура и со донации од пријателите на фестивалот.