Група австралиски научници откриле чоколадна жаба во дождовната шума на Нова Гвинеја. Станува збор за жаба што поради нејзината боја е наречена чоколадна.
– Најслична на оваа жаба е австралиската зелена дрвна жаба. Тие изгледаат многу слично. Едната е зелена, додека оваа има некаква убава чоколадна боја – изјави Пол Оливер од Центарот за планетарно здравје и безбедност на храна во Квинсленд.
Тој го опиша откривањето на овој вид жаби во коавторски текст во австралискиот весник за зоологија. Австралија и Нова Гвинеја биле една копнена целина пред 2,6 милиони години. Сега поголемата површина на Нова Гвинеја е покриена со прашума, додека во северна Австралија доминира саваната. Зелената жаба, или литорија каерула, живее во северна и источна Австралија, како и во Нова Гвинеја. Чоколадната жаба, или литорија мира, беше пронајдена во 2016 година и се верува дека живее на подрачјето на цела Нова Гвинеја.
Стив Ричардс од музејот на Јужна Австралија истакна дека истражувањето на овој вид жаби се отежнува со фактот што живеат во многу топли, мочурливи области, каде што живеат и крокодили.
– Новиот вид жаба го именувавме литорија мира, што на латински значи изненадувачки или чудно. Го именувавме така затоа што беше изненадувачки да се најде вид што е многу сличен на дрвната жаба, но е со различна боја – објасни Оливер.
Тој посочи дека разбирањето на биотската размена помеѓу Нова Гвинеја и северна Австралија е клучно за да се разбере како се проширила и намалила областа на дождовната шума и саваната, пишува „Си-ен-ен“.