Ексклузивно за „Нова Македонија“ интервју со Џесика Честејн

Џесика Честејн е една од најталентираните актерки во денешната кинематографија. Како дел од филмовите како „Тајна операција-00:30“, „Марсовец“, „Слугинки“, „Интерстелар“ и „Сопругата на чуварот на животни“, таа доби многу признанија и награди за своите изведби, затоа што обично гради многу сложени и силни ликови. Во „Мрачниот феникс“ ја игра мистериозната и опасна вонземјанка што ја посакува моќта на Џин. Честејн зборува за причините поради кои ја прифатила улогата во овој суперхеројски филм, за повторната соработка со Сајмон Кинберг и како таа го замислува својот лик.

Што можете да кажете за вашиот лик?
– Играм вонземјанка што доаѓа на Земјата затоа што е фасцинирана од моќта на Џин Греј. Таа се поврзува со неа за да ја натера да ја прифати целата своја моќ и да не се плаши од неа, но има задни намери како да ја искористи во свои цели.

Ова е вашиот прв суперхеројски филм. Што ве натера да ја прифатите улогата?
– Поради приврзаноста кон Сајмон, бидејќи работевме заедно на „Марсовец“. Ме заинтригира приказната и ова можеби е вториот суперхеројски филм во кој главниот лик и негативецот се жени, што е интересен факт. Приказната е неверојатна, особено на „Мрачниот феникс“, а мојот лик има одлични сцени со Феникс на Софи.

Дали моравте да ги читате стриповите?
– Само сценариото, затоа што мојот лик е кулминација од повеќе ликови во универзумот на „Екс-мен“ и затоа не можев да истражувам само за неа во стриповите.

Би рекле дека е сложен лик за играње?
– Таа е мистериозна, но мене не ми се чинеше толку сложена затоа што таа е многу директна. Кога првпат се сретнав со Сајмон и зборувавме за ликот, му реков дека најдов сличност меѓу неа и ветеринарот во ситуацијата кога ве убедува дека морате да го успиете вашиот миленик. Таа потекнува од друго место и знае повеќе од вас, размислува со главата, а не со срцето, така што ако не се согласувате со неа да го успиете вашето куче, тогаш таа ќе сфати дека вашата одлука не е хумана. Токму тука ја најдов поврзаноста со ликот, со нејзината разумност и неверојатната интелигенција, која е дојдена да помогне, барем според нејзиното гледиште.

Таа има своја цел, не само лоша намера…
– Таа вели дека доброто и злото се само зборови. Ако го земете за пример ликот на Џин Греј, која поголемиот дел од својот живот се труди да биде добра, да биде примерна, да прави што ѝ се кажува, а всушност се срами од својата мрачна страна. Да бидам искрена, сите имаме своја мрачна страна. Не можете да имате светлина без темнина. Така што, според мене, во овој филм таа не мора да ги крие своите мани или слабостите и токму тоа го претставив во ликот.

Од она што го видовме досега, дали беше тешко да се изведе нејзиниот лик, како и шминката?
– Немаше многу шминка, практично тоа е мојата природна боја на веѓите и трепките. Јас и Тилда Свинтон имаме сличен изглед, така што можам да кажам и дека ми беше инспирација. На Сајмон му реков дека имам снимано филмови во кои дури немам воопшто шминка. Мажите обично не забележуваат, за разлика од жените, особено во филмовите, тие ставаат многу маскара, ако имаат руси трепки, за да ги истакнат повеќе. Но бидејќи немате друга шминка, на тој начин очите ви изгледаат помрачно. На Сајмон му реков дека ако не го направам тоа, ќе изгледам како Тилда Свинтон и можеби со посветла перика ќе дејствувам поотворено. Сакав да создадам лик во кој ќе потонете во неговите очи, а тоа го постигнав токму поради тоа што немав шминка.

Нова сте во актерската екипа? Дали топло ве пречекаа?
– Сите се многу фини, но, за жал, немав шанса да снимам со сите. Повеќето сцени беа со Софи, која ја обожавам, а со Џејмс претходно снимивме три филма, така што веќе сме стари пријатели. Но морам да кажам дека имав одличен пречек и сите беа прекрасни со мене.

Ова е режисерско деби за Сајмон. Како се покажа во таа улога?
– Како режисер е прекрасен, затоа што навистина им остава простор на актерите да го дадат својот придонес во ликовите. Кога му кажав дека мојот лик го замислувам како ветеринарка, тој веднаш се фати за работа и дури мислам дека го инспирирав да напише еден од монолозите што ги имам во филмот. Понекогаш сценаристите го имаат филмот во главата кога го пишуваат и ја гледаат само нивната визија. Ништо не може да биде исто како во нивната имагинација, затоа што сите луѓе имаат свои идеи. Многу беше пријатно да се работи со него на сетот.

Снимањето на акциските сцени дури и изгледа како театарска претстава.
– Така е, дури е и исто како да работите драмска продукција. На сцената ги користите сите движења да го покажете ликот. Кога снимате филмови, генерално фокусот е на лицето. Така што добро е да се работат акциски сцени во кои го вклучувате целото тело.

Дали требаше да ја најдете човечноста во вашиот лик, да влезете во нејзината душа, нејзиниот карактер? Дали лесно го направивте тоа?
– Немав потреба да го правам тоа со ликот, затоа што неа ја води рационалноста.

Емоциите не управуваат со нејзините одлуки и чекори. Не ми требаше многу да го сфатам ликот, затоа што таа секогаш оди напред и не се навраќа на ништо.
Која е темата на филмот според вас?
– Во филмот се работи за слободата да бидете свои, смислата на среќата и тагата, светлината и темнината, ништо не може да постои без другото или да се потиснува вистинската природа, за што мислам дека токму така си наштетуваме. Морате да кажете што мислите, да не чувате во себе, да комуницирате со вашето семејство и кога премолчувате и избегнувате соочување, тогаш си правите лошо на себе и на тие околу вас.

Се работи за ликови што со години ја потиснувале својата природа и биле сметани за „поинакви“. Дали изгледа како тие да се борат со некоја друга сила што влегува во неа и дали се чувствуваат загрозено?
– Се чувствуваат загрозено затоа што Џин е помоќна од сите нив. А што им кажува тоа? Кога човек минува низ таква трансформација, дали се губи себеси? Дали повеќе не станува збор за иста личност? Тука се јавува загубата. Но во овој филм најмногу се работи за семејството.

Дали моравте да ги изгледате претходните филмови?
– Сите сум ги гледала, но не сметав дека треба да се навраќам на нив пред да почне снимањето, затоа што смислата на филмот е поинаква. Со тоа што Сајмон го режираше, знаев дека ќе му даде свој печат.

Подготвила: Билјана Здравковска