На брегот на Атлантски Океан, во мексиканското одморалиште Тулум, се гради рај за бегство на богатите за време на криза. Среде џунглата каде што некогаш живееле Маите, во тек е изградба на луксузен комплекс во форма на гнезда, во кои богатите ќе бидат заштитени и одвоени од светот.
Процената на шпанските архитекти, кои се автори на овој хотел, била дека богатите луѓе ќе избираат места каде метежот е помал. Иако Тулум е добро познато летно одморалиште, тие осмислиле комплекс во кој богатите ќе бидат одвоени. Комплексот со површина од повеќе од 46.000 квадратни метри сè уште е во изградба, а започнал да се гради во 2016 година. Планирано е да има 204 стана, 167 соби и 16 приватни вили.

Како што изјавиле од шпанската архитектонска куќа ДНА, која го дизајнирала комплексот, тие сакале да понудат простор за луксуз и удобност, што овозможува бегство од секојдневниот живот, каде што гостите ќе можат да се исклучат и да уживаат во широк спектар на услуги ориентирани кон лична релаксација и удобност.
Комплексот е составен од неколку гнезда и секое функционира како самостојна единица. Секое има огромен базен во средината и преку други активности може да функционира целосно одвоен од надворешниот свет, иако е блиску до морето.
Според нив, формата на гнездото е избрана затоа што обезбедува исконско чувство на безбедност напишано во нашите гени и во нив луѓето ќе се чувствуваат заштитени и посветени на себе.