Македонското еколошко друштво (МЕД) на 24 февруари заедно со Националниот парк „Маврово“ со помош на кафез-замка заловија нова единка балкански рис на планината Бистра во близина на село Ростуше.

Станува збор за рисица именувана Лиса, која е третата женка означена со околувратник во досегашните мониторинг сесии на МЕД. Женката е на возраст меѓу 6 и 7 години, а тешка е 15 килогрми. Единката е здрава и витална, а тоа го потврдува и првиот најден плен на терен – срна, само три дена по нејзиното обележување.

– Во постапката за успивањето на животното и земањето биометриски податоци и примероци асистираше претставник од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, биолог вработен во националниот парк Харц, Германија, како и вработени во Националниот Парк „Маврово“ – информираат од МЕД.

Досега со радиотелеметрија и GPS-лоцирање се заловени девет различни единки рис во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година.

Околувратникот ставен на Лиса ќе обезбеди нови информации за распространувањето и однесувањето на ова критично загрозено животно.

На Балканот се проценува дека има уште 40 возрасни единки на балкански рис, којшто според Меѓународната унија за зачувување на природа (IUCN) е животно со критично загрозен статус.