Италијанскиот кандидат за „оскар“, филмот „Предавник“, е на репертоарот на домашните кина од 26 декември.

Кој ја издаде прочуената сицилијанска мафијашка организација Коза ностра? Како во осумдесеттите години на минатиот век судијата Фалконе отвори случај против стотина члена на мафијата? Наградуваниот италијански режисер Марко Белокио во својот најнов биографски филм „Предавник“ ни дава драмски одговор на овие прашања прикажувајќи ја приказната за судењето од 1986 година, која ја памти секој повозрасен Италијанец, судењето на најозлогласените имиња од Палермо. Еден од водечките италијански режисери Марко Белокио, автор на филмовите „Кина е близу“ и „Во името на Отецот“, во оваа биографска драма го прикажува животот на Томасо Бушети, првиот мафијашки шпион на Сицилија во осумдесеттите, таканаречениот газда на два света.

Покрај паралелниот универзум со свои правила и вредности, Коза ностра со застрашувања и ликвидации вкоренувала страв, а кога била донесена пред суд, самиот процес го потценува и претвора во пародија.

– Тоа е единствен процес. Процес што ја раскажува приказната за мафијата што правеше врева во судницата, ги прекинуваше судењата, имаше огромна моќ. Се служеа со сите средства. Си играа театар, но процесот не можеше да се прекине – вели режисерот Белокио наведувајќи дека го заинтригирало нешто толку сериозно, што на моменти личело на театар.

Филмот, кој е добитник на италијанската награда „златен глобус“, собра безброј позитивни критики.