Фото: Маја Јаневска-Илиева

Давор Јордановски, наш музичар во Канада

Давор Јордановски, познат македонски музичар, композитор и продуцент, кој дваесетина години живее и работи во Торонто, Канада, летово по повеќе години се врати во Скопје, градот во кој, како што вели, учел од најдобрите. Со неговото дело „Вода“ беше затворено „Скопското културно лето“, а имаа можност да го слушнат и во Ниш, Србија. Јордановски беше дел и од победничкиот тим на тукушто завршениот „Макфест“, бидејќи е автор на аранжманот за прво и второнаградената песна, „Под исто небо“, која ја испеа Александар Тодороски, и „Вистина“ на Мартинијан Кириловски, за кои музиката и текстот се на Ристо Самарџиев. Деновиве публиката во Куманово, Скопје и во Кавадарци има можност да ја слушне неговата свита за мешан квинтет „Македоникум“ во придружба на камерен оркестар.

Ваш последен успех е тоа што сте дел од победничкиот тим на годинашниот „Макфест“, го очекувавте ли тоа?
– Искрено уште додека ги подготвувавме, имав чувство дека високо ќе се пласираат и двете песни. Го направив аранжманот за песните што ги освоија првото и второто место на овој престижен фестивал, а музиката и текстот ги направи Ристо Самарџиев. Соработката со него почна многу одамна и претходно во тандем сме победувале на фестивалот. Песната на Мартинијан Кириловски има ведар, брз ритам, а во баладата што победи на Александар му дадов голем акцент на клавирот. Инаку, го правев аранжманот и за евровизиската песна „Сто посто те љубам“ на групата „Икс икс ел“, како и за двете песни на Васил Гарванлиев за „Евровизија“, „Here I stand“ и „You“.

Најново од вас се и трите концерти со камерен оркестар, на кои се претставувате пред публиката со делото „Македоникум“…
– Премиерата на оваа македонска свита се одржа на платото пред културниот дом „Трајко Прокопиев“ во Куманово на 21 септември, вториот настап беше во Скопје на 23 септември, а следниот е на 27 септември во Кавадарци. Ме очекуваат и настапите на Деновите на македонска музика во октомври. Имав купено билет за Торонто за 15 септември, ама, ете, го одложив. Убаво е тука, имам многу настапи, а, ете, се случуваат и награди.

Дали сѐ уште чувствувате креативна возбуда, како кога дојдовте во Македонија по подолга пауза?
– Многу сум среќен и благодарен за сето ова што ми се случува овие неколку месеци, и тоа во ова чудно време во кое живееме. Изминатите неколку месеци откако сум тука одржав многу концерти во Скопје, низ Македонија, но и во регионот. А сѐ почна со изведбата на моето вокално-инструментално дело „Вода“ на затворањето на „Скопско лето“ во „Куршумли-ан“. „Вода“ беше првпат изведена во Торонто, во „Најтвуд театар“, но, ете, сега конечно „водата си дојде дома“. Но водата тече и секогаш ја зазема формата на садот каде што ќе се најде, па секој нареден настап е поинаков. Делото е базирано на македонски народни песни, помалку или повеќе познати, и се преработува во моментот во сите стилови на музика. На пример песната „Прошетала Јовка кумановка“, некогаш е гудачки квартет, рок-состав, пијано-композиција. Секогаш поинаку звучи, зависно со што се свири, од амбиентот, инспирацијата и музичарите со кои свирам.

Во Канада соработувате со познати студија и имиња како што е Шанаја Твејн, а вашата музика веќе е дел на неколку познати светски филмски проекти?
– Да, отсекогаш знаев што сакам да работам. Во Канада не отидов од потреба туку од љубопитство. Имав овде добра и успешна кариера, но сакав да видам како е од другата страна на океанот. Си реков, морам да одам да видам што се случува и почнав од нула. Постојано пишувам, вистински воркохолик сум. Пишував музика, снимам цедиња, предавам, а работам и на повеќе филмови. На пример „Ноу мајноритис“ на „Нетфликс“, за кој ја пишував музиката имаше промоција во август. Мое музичко парче има и во филмот „Квин“, но и во „Малифисент“ на „Волт Дизни“ со Анџелина Џоли. Интересно е дека песната на Васил Гарванлиев од „Евровизија 2021“, „Here I stand“, им се допадна на луѓето од „Дизни“ и сега бараат уште музика од нас, а тоа значи дека може да ни се отвори една голема креативна врата и на двајцата.

Кога отидовте во Канада бевте ориентирани кон џез и поп-музика, како дојде до пресврт кон класика и етно?
– Торонто, каде што живеам, е коктел на култури и нации. Да, точно е, кога бев тука во Македонија ме интересираше поп и џез-музика, но одеднаш таму имав потреба да покажам од каде сум, од каде доаѓам, па почнав да свирам на кавал, на гајда, на тамбура. Со моите дела со етноелементи како да сакав да кажам: „Видете ние што имаме“, а тоа пак ми помогна да се етаблирам. Сега ме викаат мачка камелеон и македонскиот Херби Хенкок, што е голем комплимент за мене.

Кога почнувавте кој ви беше инспирација, идол?
– Многу луѓе со кои сум сега и соработувам, со некои сум и другар. Кога почнував им се восхитував на Александар Џамбазов, Кире Костов, Кокан Димушевски, Валентино Скендеровски, Тоше Поп Симонов, Перо Камиказа… Имав среќа како тинејџер да ги гледам што прават и да го купувам занаетот. Свирењето во Ревискиот оркестар на МРТ, по дипломирањето на Музичката академија во Скопје, ми беше голема школа. Тоа беа неверојатни искуства, не бев свесен што добивам, само грабев и учев.

Целиот живот е микс од многу нешта, а особено кај вас. Извесен период, како дете живеевте во Либија, што значеше тоа за вас?
– Моите родители, кога бев дете, со размена на кадри неколку години работеа во Либија. Тоа е една поинаква средина, многу поразлична од нашата, но и од начинот на кој се живее на Запад, во Америка, Канада. Тоа е свет фантастичен сам по себе. Таму зборував арапски и италијански јазик. Можеби и таа музика што сум ја слушал таму влијае сега на мене како автор. Во сѐ наоѓам поврзаност со музиката, која е универзален јазик што сите го разбираат. И сега соработувам со музичари од целиот свет, понекогаш на бина се запознаваме и почнуваме да свириме.

Какво е чувството кога до вас допираат реакциите на публиката на она што ѝ го давате?
– Имаш одговорност да дадеш повеќе од себе зашто сите што дошле ти се гости и треба сите да се задоволни, а ако нешто не штима, знам дека треба повеќе да дадам за да ги размрдам луѓето. Сепак има разлики како реагира публиката. На пример во Канада публиката е многу мила, културна, воздржана, за нив сѐ е „лавли“, а во Америка е поинаку, аплаудираат, ракоплескаат, а ако не реагираат тоа е знак дека треба нешто да се направи, да се анимираат. Но ние сме најдобри, тука нема сомнеж. Засекогаш ќе го запаметам настапот за време на Галичка свадба, беше фантастично, се чувствував неверојатно, како да сум на седмо небо. Насекаде чувствував љубов, наплив од емоции, сите пееја на глас, а во Битола и оро заиграа.

Која е вашата голема желба на професионален план?
– Да одржам концерт за пијано и оркестар во Универзалната сала во Скопје. Уште како дете го посакував тоа.