Научниците соопштија дека коските пронајдени во еден израелски каменолом
ѝ припаѓаат на гранка од човековото еволуциско дрво и оти се стари од 120.000 до 140.000 години

Тим антрополози во Израел поминале десетина години анализирајќи фрагменти на череп, коски од долната вилица и забите, откриени во Нешер Рамла, југоисточно од Тел Авив во 2010 година, споредувајќи ги со стотина фосили од целиот свет од различни периоди.

Истражувачи од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим и од Универзитетот во Тел Авив утврдиле дека фосилите веројатно потекнуваат од рана, досега непозната група луѓе, која ја нарекле „дом нешер рамла“, кои се тесно поврзани со неандерталците и имаат многу нивни особини, како обликот на долната вилица.

Научниците, исто така, веруваат дека има доволно сличности оваа група да се поврзе со другите популации пронајдени во претходните ископувања на пештерите во Израел, датирани пред околу 400.000 години.
– Морфологијата на луѓето нешер рамла ги дели карактеристиките и со архаичниот хомо. Истовремено, овој тип е многу поразличен од модерните луѓе, затоа што има целосно поинаква структура на черепот, без брада и со големи заби – изјавија истражувачите.

Студијата покажува дека типот „нешер рамла хомо“ е изворна популација од која се развиле повеќето луѓе на средниот плеистоцен (епоха што на геолошката скала го опфаќа периодот од 1.808.000 до 11.550 година пред денешно време).

Покрај тоа, тие сугерираат дека оваа група е таканаречената „исчезната“ популација, која се мешала со хомосапиенсот, кој стигнал во регионот пред околу 200.000 години. Исто така, наведуваат дека и посмртните останки пронајдени во Нешер Рамла веројатно потекнуваат од некои од последните преживеани примероци на некогаш многу доминантната група луѓе на подрачјето на Блискиот Исток. Претходните истражувања покажаа дека истовремено во регионот живееле и припадници на хомосапиенс (претходниците на модерните луѓе).

Новите откритија се дополнување на истражувањата што покажуваат дека луѓето од групата хомосапиенс и групите слични на неандерталците се мешале на Блискиот Исток во текот на подолг временски период од десетина илјади години.
Авторите на трудот сугерираат дека меѓу групите, најверојатно, постоела културна и генетска размена.
– Приказната за неандерталецот веќе не може да се врзе само за Европа. Откривањето на новиот вид хомо е од голема научна важност и ни овозможува да ги поврземе претходно пронајдените човекови фосили, да додадеме уште едно делче во сложувалката на човековата еволуција и да ја сфатиме миграцијата на луѓето во Стариот Свет – истакнуваат научниците.