Во Израел е пронајдена винарница стара илјада и петстотини години, која, според археолозите, во тоа време важела за најголема во светот.
Пет дробилки за грозје биле ископани во Јавна, јужно од Тел Авив, во голема винарница од византиската ера, за која се проценува дека произведува два милиони литри вино годишно. Според Би-би-си, по софистициран производствен процес, виното било извезено низ целиот Медитеран. Археолозите што работеле на ископувањата рекле дека се изненадени од големината на винарницата.
Кога ќе завршат конзерваторските работи на локалитетот, планирано е местото да биде отворено за посетители. На површина од околу четиристотини квадратни метри, пронајдени се пет дробилки за грозје, капацитети за складирање и ферментација на виното, просторија за амбалажирање на виното, како и сушилница за ќупови во кои се чувало виното. Конечниот производ бил познат како вино „газа“ и „ашкелон“, имиња што ги добило според пристаништата од кои било извезувано во Европа, Северна Африка и Мала Азија. Во тоа време виното по својот квалитет било познато низ Медитеранот, и важело за незаменлив пијалак за многумина.
– Виното било еден од главните извори на храна и безбеден пијалак, бидејќи во тоа време водата многу често била загадена – вели Џон Селигман, еден од водачите на ископувањата.