Домашните миленици во иднина можеби ќе треба да се вакцинираат против ковид-19 за да се спречи ширењето на корнавирусот, сметат научниците, а пренесуваат светските медиуми.

Коронавирусот ги погодува и животните и досега се забележани случаи на заразени кучиња, мачки, лавови, тигри, нутрии и горили, но без смртни последици. Научниците од Универзитетот на Источна Англија, Институтот Ерлхем во Норич и Универзитетот на Минесота велат дека постојаната еволуција на вирусот во животните, откако им бил пренесен од човекот, претставува значителен долготраен ризик по јавното здравје.

– Не е незамисливо дека вакцинирањето на некои домашни животни ќе биде неопходно за да се спречи ширењето на заразата – се вели во извештајот објавен во магазинот „Вируленс“.

Само минатата година Данска усмрти неколку милиони нутрии откако се утврди дека стотици случаи на заболени со ковид-19 се поврзани со варијанти кои потекнуваат од фарми на овие животни.

– Кучињата и мачките можат да се заразат ковид-19, но нема докази дека можат да го пренесат на луѓето. Но, има смисла да се вакцинираат домашните миленици од претпазливост. Постојат информации дека Русија веќе почнала да развива вакцина за домашни животни – вели Кок фан Остерхут, професор за еволуциска генетика на Универзитетот на Источна Англија.

Уште во декември минатата година магазинот „Форбс“ објави вест дека научниците во Русија се блиску до завршување на клиничките испитувања на вакцината за ковид-19 за миленичиња и визон, што може да ја смири разочараната индустрија на крзно, повикувајќи се на информации од „Ројтерс“.