wikimedia

Три мумии со златни јазици, маж, жена и дете се откриени во Египет. Експертите претпоставуваат дека нивните јазици биле покриени со злато за да можат да разговараат со боговите во задгробниот живот.
Мумиите се пронајдени во две соседни гробници, соопшти египетското Министерство за туризам и антиквитети. Во едната, која била ограбена од диви копачи, пронајдени се мумиите на жена и тригодишно дете, чии јазици биле покриени со златни листови. Тука е пронајден и варовнички саркофаг кој имал капак во форма на жена.

Втората гробница била запечатена, што е реткост кога се во прашање античките египетски гробници и разбојниците не успеале да влезат. Во неа е пронајдена мумија на маж кој живеел во периодот на 26-та египетска династија, односно помеѓу 664 и 525 година пред нашата ера, јавуваат египетските медиуми.

– Ова е многу важно откритие, бидејќи е многу ретко да се најде целосно запечатена гробница – изјавила Естер Понс Меладо за „Национал“.
Во гробницата каде што се наоѓалa мумијата на мажот, пронајдени се урни со неговите органи, како и амајлии, меѓу кои и оние во форма на скараби и зелени бисери, како и 400 глазирани керамички фигурини.
Мумиите се пронајдени на местото Оксиринхус, поранешниот трет по големина град во Стариот Египет, каде археолошките истражувања се спроведуваат заеднички од египетското Министерство за туризам и антиквитети и Универзитетот во Барселона.

Овој град некогаш бил главен град на 19-та египетска провинција и е познат по наодите не само од староегипетската историја, туку и по бројните папируси од Птоломејското Кралство, односно од хеленистичката ера на Египет, како и од времето на Римската империја. На оваа локација се пронајдени фрагменти од Евангелието по Тома, фрагменти од Евклидовите „Елементи“, комедијата на Менандер и други.
Идентитетот на мажот, жената и детето со златни јазици пронајдени во Оксиринхус не се познати, а научниците продолжуваат со истражувањето.
Ова е втор пат годинава вакви мумии да се најдат во Египет, откако на почетокот на 2021 година на археолошки локалитет на египетското медитеранско крајбрежје била пронајдена мумија со златен јазик.